Политичка култура. Вака министерката за одбрана, Славјанка Петровска, од редовите на СДСМ, го коментираше синоќешното присуство на генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, на промоцијата на градоначалничката, Данела Арсовска, за лидер на партијата Нова алетернатива, со која Арсовска претендира на освојување на власта на следните избори.
„Тоа е одлука на партијата и партијата ако добила покана мислам дека било кој претставник на партијата треба да удостои формирање на политичка партија, доколку принципите на формирањето на таа партија, се разбира, се демократски и сето она што ние го споделуваме“, изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Присуството на претставници на политички партии како гости на Конгреси на други политички субјекти не е невообичаена пракса во Македонија, но присуство на Зечевиќ на промоворање на Арсовска како лидер на политичка партија е помалку зачудувачки бидејќи токму социјалдемократите ја спореа кандидатурата на Арсовска за градоначалник на Град Скопје, со тврдење дека таа поседува бугарски државјанство, за вчера да ја почестат со присуство на ниво на генерален секретар на партијата додека таа се промовираше за политички лидер.
Освен за бугарското државјанство, фронтот меѓу Арсовска и СДСМ продолжи и во годините од нејзиното раководење со Скопје, особено откако таа ги стопираше сите капитални проекти кои ги започна нејзиниот претходник, Петре Шилегов, од редовите на СДСМ, како што се Брзиот автобуски превоз, кој започна да се спроведува со поддршка од ЕБОР, вреден 70 милиони евра, а за мостот „Михајло Аспостолски“, кој треба да ги поврзе општините Аеродром со Гази Баба, првично рече дека ќе им служи на рибарите, за потоа да најави дека ќе го продолжи проектот, но досега без помрднување од мртва точка во таа насока.
Инаку генералниот секратр на СДСМ синоќа беше седнат во прв ред на промоцијата на Арсовска, додека на снимките од промоцијата видливо е отсуството на претставници на други партии како гости.
Присуството на Зечевиќ на промоцијата не го премолчи најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, која уште синоќа присуството на Зечевиќ го оцени како откривање на тајната коалиција СДСМ – Арсовска за јавна.
ВМРО-ДПМНЕ, која во 2021 застана зад кандидатурата на Арсовска како независен кандидат за градоначалничка на Скопје и со чии гласови таа го победи Шилегов во вториот круг, со 28.000 гласа разлика, и седна во градоначалничката фотелја, а една година потоа влезе во војна со неа откако таа го разреши директор на ЈП „Водовод и канализација“ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински, обвинувајќи го дека го фатила со „рачињата во мед“ за тендерот за прочистителната станица за Скопје, тежок 136 милиони евра, застанувањето на Арсовска на чело на партија го нарече измама.
- „Од сите вести за формирање на партијата на Данела Арсовска главна вест секаде е присуството на Миле Зечевиќ, кој е и идеен творец на таа партија. Оттука може да се сфати колку всушност тежи таа партија кога главна вест за нејзиното формирање е присуство на секретарот на СДС. Воедно е јасно дека Арсовска само преку превара може да стане лидер на партија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку Арсовска синоќа избрана за претседателка на Нова алтернатива, најави дека партијата ќе учествува на претстојните парламентарни избори.
„Да, апсолутно“, изјави синоќа Арсовска.
Таа на прашањето дали ќе коалицира со некоај партија, одговори:
„Сите опции ни се отворени, тоа е нешто за кое, нормално, треба да се разговара“.
Арсовска која застана на чело на Нова алтернатива формирана во 2007 година од страна на Ѓорѓи Оровчанец, која од 2008 година е во коалиција со СДСМ, вчера соопшти дека партијата ја напушти коалицијата со социјалдемократите и во иднина ќе соработува само со оние партии кои ги прифаќаат постулатите на нејзината партија.
Тамара Грнчароска