Се уште не стивнале жестоките реакции на социјалните мрежи од морбидните клетви и коментари за несреќата поради која не се одржа забавниот дел од Вевчанскиот карневал, следеше лавина од негодувања на верниците, што ги предизвика маската на Исус Христос кој на грб носи крст направен од пивски гајби. „Ова е сквернавење на Христијанството“, „го допревме дното“, „невиден срам“, коментираат граѓаните, а бурата негодувања и осуди одат до таму што дури се бара да се забрани карневалот со вековна традиција во Вевчани.
–Овој „карневал” треба да се забрани со закон, дно, срам и понижување за Македонија и сите што живеат во неа. Сквернавење на свети симболи и повреда на верски чувства треба исто така да подлежи на казни и санкции. Пред години истото го направија и со Коранот, денес со Крстот и тоа на денот на трагедијата на нивни соселанец, пишуваат граѓаните.
Засега официјално се огласи само Бигорскиот манастир кој побара извинување од организаторите на Вевчанскиоо карневал, за како што велата богохулното исмејување на Господ и Сечесниот крст.
–Секако, според нас, поигрувањето и исмејување со верските чувства на која било верска деноминација е злодело за кое се одговара не само пред Божјиот, туку и пред државниот суд, реагираат од Бигорскиот манастир.
Не помалку гнев предизвикаа и недоличните коментари по веста за смртта на 19 годишниот син на екс пратеникот Крсто Муковски, кој загина во сообраќајна незгода во предвечерието на карневалот. Со чувство на мачнина дел од граѓаните се обидуваа да ги вразумат оние кои злобно и нечовечки се ситеа на смртта на млад човек. Социолозите велат дека политиката и политичките поделби имаат длабоки корени во ова што денес ни се случува.
-Тоа е резултат на еден подолг период, кога од тие политичките игри, кои кај нас се доста комплекси, и длабоко влегуваат во вредносниот систем на една нација или еден народ како што е македонскиот, до израз дојде една ситуација што е за неверување, да се изразува еден вид задоволство за нешто што се случува како трагедија, вели проф. д-р Илија Ацевски, социолог .
Поради трагедијата беше откажан забавниот дел од Вевчанскиот карневал, а традиционалното дефиле и редуцирано успеа да навлече бес и револт овој пат кај Православните верници. Пред 11 години се налутија верниците Муслимани, кога маска со Куранот беше протолкувана како исмејување на Исламот. Од тогаш се воспостави пракса да се избегнуваат маски кои се навредливи на етничка и верска основа. За зовриените страсти годинава, засега нема реакција од организаторите на Вевчанскиот карневал.
Емилија Мисирлиевски