Албанското министерство за земјоделство и рурален развој донесе забрана за увоз на свинско месо од Македонија која за сега гласи дека е на неодредено време. Според албанските медиуми, причина за новата забрана се откриените случаи во земјава на заразено свинско месо со болеста африканска чума.
Сепак, според одлуката на албанските власти, доколку со сертификати се докаже дека свињите или нивното месо и производи од свинско месо, не се заразени, тогаш ќе биде дозволено да бидат внесени во земјата.
Во петокот од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврдија дека во Кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума. Од АХВ соопштија дека на фарма со 600 животни од различни категории, угинати се 60 свињи и биле спроведени мерки за депопулација.
Во саботата на 6 јануари настанал инцидент на атарот на селото Речица кај Куманово, затоа што жителите не дозволуваа да минат камионите на Агенцијата со угинатите свињи, пришто се судрија со полицијата, по што беа приведени четири лица.