Вести Македонија Топ вести

Неизвесни заклучоците од Анкетната за Онкологија – партиите меѓусебно се обвинуваат за политичко профитерство

„Политички реваншизам“ – со овие зборови дел од директно прозваните лица за одговорност за скандалот на Онкологија го опишуваат излагањето на претседателката на Анкетната комисија.

Поранешната директорка на Здравствениот инспекторат, Бухова, реагираше што нејзиното име беше споменато заедно со името на поранешниот министер Филипче, екс-директорот на Онкологија, Васев и други функционери.

Предлог-заклучоците на Мизрахи за политичка одговорност ги оцени како неиздржани и обид за дискредитација.

„ДСЗИ нема никаква законска надлежност во делот на препишување на терапија, распоредување на терапија и контрола над начинот на кој се аплицира терапијата. Во прилог на ова говорат и законските надлежности на инспекторите од ДСЗИ, од каде е јасно дека инспекторатот не е органот кој е надлежен за преземање на активности и проверки во конкретниот случај“, испрати остар одговор поранешната директорка на ДСЗИ, доктор Ирина Бухова.

СДСМ бара оставка од претседателката на Анкетната комисија. Денес не е закажана седница и опозицијата со тоа се крие по обидот за злоупотреба на Комисијата, вели пратеничката Даниела Марковска.

Заклучоците кои ги истакна Мизрахи, смета дека се напишани во белата палата, без ниту еден доказ и без основа.

„ДПМНЕ и Мизрахи покажаа дека нивната цел со Комисијата воопшто не била вистината, не била ниту грижата за пациентите и дека тие немале намера воопшто нешто да преземат, Освен политички да ја злоупотребуваат Комисијата за ширење лаги и невистини и манипулација на граѓаните. Јавноста и ние пратениците се сомневаме дека намерата на ДПМНЕ е да ја опструира работата на надлежните институции и истата да ја попречува“ вели пратеничката од СДСМ, Даниела Марковска.

Рашела Мизрахи која раководи со комисијата вели дека ниту еден збор од заклучоците кои ги прочита не содржи политички наратив. Наведени се законски и подзаконски акти, за кои оценува дека се прекршени.

Предлог-заклучоците на мнозинството Мизрахи ги оценува како општи и неконкретни, а пратениците ги обвини дека се обидуваат да застанат во одбрана на политички функционери.

„Можевме да утврдиме дека има прекршување на бројни законски и подзаконски акти, како во работењето на УК за Онкологија, така и во функционирањето на целокупниот здравствен систем односно дисфункција на истиот. Заклучоците коишто ги прочитав пред Анкетната комисија немаат политички наратив, беа доставени до сите медиуми и транспарентно доставени до јавноста. Нема ниту еден политички збор во нив, ниту една политичка реченица и тие се однесуваат на одговорности и посочуваат на лица коишто го занемариле законот или пак законите во своето функционирање“ истакна Рашела Мизрахи, претседателката на Анкетната комисија за Онкологија.

Вчера, седницата за заклучоците кои требаше да ги донесе собраниската Анкетна комисија за случајот со Клиниката за онкологија се претвори во „бојно поле“ помеѓу пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Тие имаат уште пет дена да се усогласат во ставовите, но такво нешто е тешко изводливо велат и од двата табора, со оглед на големите разлики.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дел од роднините на средба со обвинителите по одговори за истрагата

Дејан Дејан

Втора интерпелација за Тошковски

Дејан Дејан

Семејствата на загинатите со „Марш за ангелите“ бараат одговорност за пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе