Притвор за двајца обвинети за Монструм, се трага по обвинетите за 5-кратното убиство кои си заминале од судот пред да се донесе одлука за притвор
Кривичниот суд објави дека за двајца обвинети за 5-кратното убиство на Смилковското Езеро е определен притвор по барање на обвинителката Фатиме Фетаи.
Фетаи барала притвор затоа што сметала дека постои опасност од бегство поради приближување на крајот на судскиот процес за случајот познат како Монструм.
Судот го прифатил барањето и на обвинетиот Фејзи Азири кој издржува друга казна во затворот во Шутка му е определен притвор, а притвор е определен и за Агим Исмаиловиќ по што постапува и полицијата.
Од МВР кратко ни одговорија дека се постапува по судската наредба без да прецизираат дали полицијата не може да го лоцира.
Според Фокус, Исмаиловиќ бил недостапен на полицијата која треба да го спроведе во притвор откако непречено си заминал од судот пред да биде одлучено по барањето за притвор.
Исмаиловиќ и Азири се обвинети во случајот Монструм кога на 12-ти април 2012-та беа убиени 4 момчиња и еден жител на Смилковци во близина на Смилковско Езеро. Обвинетите веќе беа осудени на доживотна казна но таа беше укината во Врховниот суд, а случајот го презеде СЈО.
Во бегство се и двајцата првообвинети (Алил Демири и Африм Исмаиловиќ) во предметот кои избегаа на Косово, но не беа екстрадирани иако имаше такво барање.
Миомир Серафиновиќ