Вести Македонија Топ вести

Вицепремиерот Арбен Фетаи е единствен во Македонија кој има и сертификат за „ДРЖАВНА ТАЈНА“ и двојно државјанство . Како законот го регулира ова прашање?

Вицепремиерот Арбен Фетаи е единствен во Македонија кој има и сертификат за „ДРЖАВНА ТАЈНА“ и двојно државјанство. Законот забранува некој со двојно државјанство да добие сертификат со највисок степен, но поради вицепремиерската функција на македонско-белгискиот државјанин Фетаи, ДБКИ му го издала документот по друг член во законот.

Има безбедносен сертификат со „ДРЖАВНА ТАЈНА“, но има и двојно државјанство, македонско и белгиско. Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи уште лани добил сертификат од највисок степен и потврди на прашање на Телма дека ги има и двете работи.

Телма: Вие имате двојно државјанство?

Фетаи: Да, имам.

Телма: Тоа значи дека немате сертификат за „ДРЖАВНА ТАЈНА“?

Фетаи: Како немам. Имам сертификат.

Телма: Но, знаете дека е противзаконски некој со двојно државјанство да има таков сертификат.

Фетаи: Јас имам сертификат.

Прашањата на Телма беа единствените на кои тој одговори на македонски јазик, додека на другите одговараше на албански правдајќи се со слабо познавање на официјалниот јазик. А законот за класифицирани информации, предвидува дека сертификат „ДРЖАВНА ТАЈНА“ не смее да добие некој кој нема македонско државјанство.

Но, Фетаи добил сертификат „ДРЖАВНА ТАЈНА“ поради друг член кој е во директна колизија со оној за двојно државјанство. Во членот 40 од Законот за класифицирани информации предвидени се 6 категории врвни политички и судски функции кои добиваат безбедносен сертификат од највисок степен без никакви проверки.

Покрај претседателите на државата, на Собранието, на Владата, на Уставниот и Врховниот суд- и вицепремиерите се во таа повластена категорија и без никаква проверка добиваат „ДРЖАВНА ТАЈНА“. Фетаи така го добил сертификатот, ни одговорија од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации која му го издала документот лани во јули со важност до крајот на мандатот.

-Исполнувањето на условите за издавање на безбедносен сертификат се утврдува преку безбедносна проверка, а согласно членот 40 од Законот за заменик на претседателот на Владата, Арбен Фетаи, не се вршат безбедносни проверки за безбедносен  сертификат за пристап и користење на класифицирани информации од сите степени, согласно ова,  Дирекцијата го издаде бараниот безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информаци на Република Северна Македонија, ни одговорија од ДБКИ.

Тоа значи дека не е направена никаква безбедносна проверка на Фетаи, и тој може да разгледува државни тајни и други доверливи документи за разлика од други службеници и функционери кои имаат потреба од такви сертификати за надзор и контрола врз тајните служби, но како пратеници или вработени во Народен правобранител не ја добиваат таа потврда.

-Јас имам безбедносен сертификат за да учествувам на затворени седници на влада, ни одговори Фетаи.

Досега немало јавно обелоденет случај кога некој со двојно државјанство имал сертификат за Државна тајна во Македонија поради двојни аршини во законот за врвните фукнционери.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови откритија на локалитетот Кале во Крупиште – целосно е дефинирана уникатната базилика со глаголички натпис

Tea Dimkovska

Чибишев: Суицидални се дури 95 отсто од случаите на труење на Токсикологија

Tea Dimkovska

Единаесет години жителите на Тетово чекаат општината да струши дивоградба

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе