Владата апелира до сите државни институции да ги пријават службените возила во Државната комисија за спречување на конкуренцијата (ДКСК). Во меѓувреме, само пет од 20 министерства ги доставиле податоците за службените коли, иако законскиот рок истече пред два дена. Ниту Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) во владата не ги пријавила колите.
Според законот, 10 дена по распишување на изборите, сите институции на државно и на локално ниво, како и јавни и државни претпријатија, треба да ги пријават службените возила, со модел и регистрација во Државната комисија за спречување на корупцијата. Тоа се прави за службените коли да не се злоупотребуваат од страна на функционерите и други лица за потребите на изборните кампањи.
„Како портпарол на Владата, апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службени возила. Веќе е донесена и одлука на седница на Влада дека рокот за поставување на оние регистарски таблички во боја е до 15 септември и тоа ќе го завршиме, сè во насока да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели кои се надвор од службените“, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
До истекот на рокот, на 18 август, биле пријавени 1.916 возила, а проверката на Регистарот кој го води антикорупциската комисија денеска во 13:30 часот покажа дека се пријавени 2.176 возила, иако институциите имаат околу 6.500 коли. Бројот се менува од минута во минута, зашто дел од институции ги пријавуваат колите и по истек на рокот.
Она што е интересно е што само пет министерства ги пријавиле колите. Последни стигнаа податоците од Министерството за правда, кое поседува девет возила, меѓу кои најскапото е Ауди А8 од 2019. Министерството за дигитална трансформација пријавило четири коли од кои две не се во возна состојба. Министерството за економија и труд пријавило само еден Џип од 2024, Министерството за јавна администрација пријавило две коли, а Министерството за култура и туризам пет возила.
Државната комисија за спречување корупција во рок од 15 дена по истекот на рокот за пријавување на службените возила може да поднесе прекршочна пријава против непослушните институции.
Слична ситуација имаше и лани пред парламентарните избори, кога до истекот на рокот, само 411 од 1.558 институции ги пријавија службените коли пред ДКСК. Тогашната прва Антикорупционерка Татјана Димитровска се пожали дека има дупка во законот. Тие може да покренат прекршочна постапка, но нема предвидено казни за непријавувачите.
Владата во меѓувреме донесе одлука, сите државни службени возила од 15 септември да добијат црвени регистарски таблички за да се разликуваат од другите коли.
Срѓан Стојанчов
