Вести Код Македонија

КОД реконструкција на нападот врз Штекли, егзекуторот стигнал со такси, а исчезнал со црно ауди

Во вторник 24.10.2023., рано попладне, стотици посетители се шетаа низ Ист Гејт Мол, додека се поставуваше сцената за нова пресметка во скопското подземје. Учесниците во неа, доаѓаат во центарот. Раде Трајковски-Штекли пред два месеца беше цел на напад во гаражата на Ист Гејт, сега од домот, непосредно до Молот, во придружба на уште еден помлад маж со автомобил доаѓа и оди на вториот кат, во теретаната каде редовно вежба.

РЕКОНСТРУКЦИЈА

Досегашната истрага покажала дека егзекуторот кој се обиде да го убие Трајковски-Штекли, тргнал кон молот со такси возило,  се качил во Чаир и на таксистот му ја кажал локацијата. Во таксито бил облечен како што сите го видовме на сликите од безбедносните камери. Бел дуксер, качкет, а на ушите имал црни антифони, опрема за намалување на звук за стрелишта која многу потсетува на слушалки. Антифоните, поновите, со вградени слушалки за врска, му обезбедиле комуникација со соучесниците на ликвидацијата на Штекли.

Околу 14 часот, двајцата мажи влегле во фитнес центарот на вториот кат на Ист гејт. Егзекуторот го почнал патот од Чаир кон Ист гејт. Стигнал на предниот влез, му дал пари на таксистот и не почекал кусур. Во Молот веднаш продолжил кон подрумот. КОД дојде до фотографија (од безбедносни камери) од неговото спушатање на нивото -1 каде влегол во обложувалницата на Марбет.

Седнал на масата, нарачал пијалок без да ја шири конверзацијата со персоналот, а со кафето пушел и цигари. Ги носи антифоните, а во џебот од дуксерот цело време го имал пиштолот.  Додека чекал пребарувал по телефонот.

Неколку минути пред 15 часот, преку антифоните му биле за комуникација со друг учесник кој му дојавил дека метата излегла од теретаната. Егзекуторот платил, повторно без многу зборови и излегол од  обложувалницата. По неколку минути се појавила метата во друштво на уште еден маж.

Снимката која трае десетина секунди и се појави на социјалните мрежи го открива чинот на неуспешната егзекуција. Но, според сознанија на КОД, истрагата преку исказот на ранетиот Трајковски открила што се случувало.

Штекли кажал дека го забележал егзекуторот дијагонално од влезот на ескалаторот. Во моментите кои се гледаат на видеото му го кажал тоа на придружникот Димитар Трајчов викан Колумбо.

Раде Трајковски-Штекли: Оној ми е сомнителен. Ќе се спуштиме долу по скалите и веднаш ќе се вратиме нагоре за да го видам кој е.

Кога почнале да се спуштаат, било предоцна. Егзекуторот стига до скалите покрај двајца мажи и една жена кои минуваат во близина. Го вади пиштолот и додека се на средина на скалите, без можност да се сокријат, да спречат или да му се спотивстават, двајцата се погодени со по најмалку два куршуми.

Поради положбата на жртвите, куршумите ги погодуваат во горниот дел на телото и грбот или низ надлактица и продолжуваат дијагонално низ нивните тела со што предизвикуваат повреди на внатрешните органи.

Крим техниката за време на истрагата пронашла вкупно 7 чаури со моќниот и разорен калибар 9 милиметри. Тоа покажува извонредна прецизност на егзекуторот бидејќи успеал со повеќе од половина да ги погоди жртвите кои се движеле по скалите во косо и се оддалечувале со што само мал дел од телото им бил изложен.

Не е познато кое оружје е користено, бидејќи се уште не е најдено, но претпоставките се дека станува збор за полуавтоматски пиштол, а не за автоматски кој е поголем и би дал поголем товар во џебот за криење во дуксерот.

Околу 15 часот, од раните, помладиот придружник на Штекли се онесвестил. Но, Трајковски на крајот на ескалаторот бил свесен и не побегнал. Го зел Димитар во раце и успеал да го донесе до пералната за автомобили во молот.

Таму имало џип со охридски таблички, оставен на перење, Штекли го зел клучот, го качил онесвестениот другар и излегол од гаражата. Успеал да стигне до Хируршката болница Свети Наум Охридски и ги алармирал лекарите, по што и самиот Штекли се онесвестил.

Во болницата им е пружена прва помош, Штекли е испратен на Клинички центар, а Димитар Трајчов е приклучен на апарат и му се извршени неколку операции.

По пукањето, егзекуторот бега. Се качува на приземјето на молот и излегува на главниот влез. Ладнокрвно, одејќи, а не трчајќи оди кон хотелот Континентал. Тука се спушта во подвозникот, поминува под булеварот и излегува кај општина Газибаба. На булеварот го чека црн ауди автомобил, без таблички.

Егзекуторот се качува во него и заминува во правец на Пластичарската. Траекторијата на движењето дополнително се утврдува, а до монтажата на КОД, автомобилот за бегство не е најден-ниту запален и изгорен, ниту цел.

ИСТРАГА

-Точно се знае и бекграундот на лицето во кое е пукано. И конфликтите кои ги имало, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, еден ден по престрелката.

Ова, според министерот Спасовски е опис за жртвата Раде Трајковски Штекли кој е полесно ранет. Но актуелното кривично досие на Штекли е празно, порано имал две пријави за тепачки со тешки повреди, но, што имал- одлежал. Досието на Штекли го објавивме во повеќе емисии со истражувања за убиството на Мартин Јанушев.

Беше поврзуван со убиството на Јанушев, но не беше опфатен со истрагата. Пред десетина година беше осомничен како дел од меѓународна група која местела натпревари во Калчо-Италијанската Фудбалска Лига, па по италијанска потерница беше уапсен во Атина и испорачан во Италија каде што одлежа минимална казна.

Штекли е слободен, сопругата му е во притвор

Но, во моментот Трајковски е слободен човек без пријави. Неговата сопруга е во притвор во истрагата за продажба на луксузни возила со фалисфикувани документи. Штекли не е опфатен со таа истрага,  а нема други пријави иако министерот нема розова слика за неговиот профил.

Во судското досие има две пресуди, едната 6-месечна затворска казна за тешки телесни повреди и насилство поради која беше испорачан лани во февруари. Втората пресуда за исто дело насилство извршено пред десетина години му била двегодишна затворска казна. Штекли бил осуден додека бил во бегство, а лани откако во март ја доиздржал  полугодишната затворска казна тој барал повторување на судската постапка и во април 2023-та добил условна казна.

Пред два месеци беше пукано во него во гаражите на ИСТ Гејт Мол. Тој случај исто не е решен. Возилото од кое пукале напаѓачите е запалено.

МОТИВИ

-Прво, дека станува збор за криминална пресметка станува збор за криминална пресметка. Конфронтација меѓу криминални групи кои 30 години, некој ги создавал. Сега, објавуваме и објавивме војна, неселективна, со тие криминални структури. И тука нема да застанеме, беше решителен Спасовски.

За министерот Спасовски, мотивот е пресметка на криминални банди. Но, дали само борба за нарко пазарот во главниот град е причина за тоа. Полицијата со повеќемесечна работа на операцијата „Безбеден град“ успеа да го редуцира нарко-пазарот кој се одвиваше по дискотеки и кафе барови преку наводното обезбедување од соработници на криминалните групи.

Дрогата остануваше непродадена, поради што почна борба за освојување на територии каде би ја продавале на стариот начин, на улица. Поради тоа, се засилија ривалствата меѓу групите Дуќанџик и Беланоца, кои се засилија и со одмаздите за претходно, повеќе од деценија стари, убиства и ликвидации на водачите на двете групи.

Групата Грчец/Дуќанџик е помоќна, со подобри политички, но и полициски конекции, поради што сите останати помали се групираат контра нив. Најголеми се одмаздниците од Беланоца, а во таа група место и доверба добива Штекли. Додека двете групи, последната година се во постојана битка за живот против ривалите и се кријат, Штекли е слободен, без пријава, чист кон законот, без закани и можел да работи слободно со кланот Беланоца.

Моќта на кланот Грчец веќе е намалена со акцијата Планина, а двете групи имаат, според изворите на КОД, политички конекции со две различни крила на партија од власта, крила кои пред извесен период целосно се разделуваат. Со политичките врски се отвора и можност од друг бизнис, а тоа е обезбедување на казина на ризични локации, погодни за ограбување.

По ликвидациите на водачите на двете банди, се појавува празнина кој да ги собира тие пари и според изворите на КОД, во некои зделки била побарана асистенција од Штекли поради што противниците го ставаат на листата за отстрел.

Комбиниран ДНК на мистериозниот егзекутор

Сите тие можни мотиви само ја оптеретуваат истрагата за вториот напад врз Трајковски од потенцијално политичко и партиско влијание. Досегашната истрага според сознанијата на Телма ги утврдила делумните отпечатоци, но и прецизниот ДНК профил на мистериозниот егзекутор, врз основа на примероци земени од повеќе локации каде бил.

КОД дознава дека такви отпечатоци или ДНК профил немало во криминалистичката база поради што е побарана помош во  соседните држави, но и преку Интерпол. Црното ауди, автомобилот за бегство не е најдено.

Дополнително МВР ги проверило и сите траги кои беа споделувани по социјални мрежи и биле повикани неколкумина спомнувани како организатори, заканувачи, па дури и дека личеле на егзекуторот. Токму тој, кого го посочуваа дека личи на ликот во белиот дуксер бил елиминиран како осомничен извршител на злосторот бидејќи во станицата стигнал со долга брада.

По големите јавни критики поради честите криминални пресметки на локации со случајни минувачи, министерот во петокот попладне без многу детали тврдеше дека има осомничени лица.

-Има осомничен, има осомничени лица кои би можеле да се сторители на вооружениот инцидент во скопскиот трговски центар Ист гејт мол. Се работи интензивно во насока на прибирање информации и докази за инцидентот во рамки на посебниот штаб кој е формиран во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје, тврдеше Спасовски во петокот.

Но апсење нема, а има линија на идентификација иако мистериозниот егзекутор се уште беше непознат во времето на интервјуто.

Спори процедури за посебни истражни мерки против бандите

Од друга страна, во тие моменти до КОД дојдоа уште едно сознание од високопозиционирани полициски извори. При почетокот на операцијата Безбеден град, пред околу една година, полицијата се обидела да предзивика предистрага со употреба на посебни истражни мерки, меѓу кои и за следење на комуникации,  за неколку десетина припадници на сите спротивставени групи.

Барањето било испратено до надлежното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во времето кога на местото на протераната Вилма Русковска е изгласан Ислам Абази.

Полициските извори со кои разговараше КОД убедуваат дека не се известени за никакви акции и посебни истражни мерки, а во меѓувреме оттогаш досега во престрелки се убиени најмалку 5 водачи и припадници на бандите кои исто така биле на полицискиот список за следење и за посебни истражни мерки.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во КОД во епизодата  „Војната на скопските банди и напад врз Штекли“ на 29.10.2023.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе