Париз, но и многу други градови во Франција, ја проценуваат штетата по протестите против зголемените трошоци за живот и лошите услови во училиштата кои прераснаа во насилство врз полицијата, вандализам, грабежи, палења. Околу Ограбени и уништени дуќани и аптеки, превртени возила, девастирани улици….
Само во Париз се уапсени рекордни 855 луѓе, повредени се 13 полицајци и двајца пожарникари. Според полицијата, во насилствата учествувале невообичаено големи организирани групи со 500 до 1.000 луѓе. Повредени се и голем број на демонстранти, медиумите јавуваат и за еден починат кому му се слошило за време на протестната поворка.
Насилни протести имаше и во Лион, Стразбур, Марсеј, Лимож, каде демонстрантите го запалија градското собрание, пожар кој беше локализиран дури утринава. Во Лимож се приведени 17 луѓе, меѓу кои седум малолетници.
„Бевме сведоци на големо движење на ултралевицата, односно радикалната левица, која ги попречи повеќето од планираните акции преку насилни напади врз полицијата и локалните бизниси, а пред сè, преку обиди за насилен упад во јавни објекти. Во рамките на одобрените протести се појавија групи вандали, стотици, па дури и илјадници, во зависност од локацијата кои дејствуваа по многу јасна наредба, како што веќе реков и повторно ќе кажам, на ултралевицата“, изјави Лоран Нуњез, министер за внатрешни работи на Франција.
„Чувствувам длабока тага за мојата земја, за Лимож, се разбира, но и за цела Франција. Многу сум загрижен за она што следува, а што се однесува до пожарот во градското собрание, тој можеше да се избегне. Имаше демонстрации на кои учествуваа повеќе од 5.000 луѓе. Некои од нив протестираа поради причини што за многу наши сограѓани може да изгледаат оправдани. Но, во таа поворка се инфилтрираше крајно левичарска група од околу 700 поединци, со качулки, високо обучени, вооружени и подобро опремени дури и од некои полициски службеници. Тие беа таму за да убиваат полицајци и да уништат секаков симбол на власта“, истакна Гијом Герен, градоначалник на Лимож.
„Навистина сум запрепастена од степенот на уништување и насилство што се случи. Тоа во мене отвора многу прашања, што дозволи ова да се случи и што всушност се изразува преку ова?“, реагира Мари Пејрењ (57), вработена во министерство.
„Вчера многу размислував за мај ’68. Тоа движење синоќа ме исплаши, а потоа си помислив: па, во мај ’68 се случуваа истите работи. Можеби токму така на крајот ќе нè слушнат. Не знам, ќе видиме“, вели Марго Еуд (26), жителка на Париз.












