Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пет лица загинаа во најтешките поплави со кои се соочила Индијана

/

Свет

Сподели преку :

Најмалку пет лица загинаа во силните бури и поплави што ја зафатија американската сојузна држава Индијана во текот на изминатата недела, соопштија локалните власти.

Спасувачките екипи продолжија со операциите и вчера, користејќи чамци за евакуација на луѓето од поплавените населби долж реката Вајт во Индијанаполис.

Обилните врнежи во изминатите денови го подигнаа нивото на реките до рекордни вредности и ги принудија жителите да ги напуштат домовите. Повеќе од десет окрузи прогласија вонредна состојба, при што значителен дел од штетите е концентриран долж речните текови од округот Хамилтон до северните предградија на Индијанаполис.

Во округот Делавер во петокот било пронајдено телото на 58-годишна жена, за која се претпоставува дека загинала откако се обидела со автомобилот да помине низ поплавено подрачје. Спасувачите го пронашле и телото на тинејџер кој бил пријавен за исчезнат во средата, откако скокнал во река. Претходно во текот на неделата, четиригодишно момче загина откако дрво падна врз неговиот дом во округот Џенингс.

Моето срце е со семејствата и блиските на петте жители на Индијана што ги загубивме и со секое семејство чиј живот беше променет од овие бури – изјави гувернерот на државата Мајк Браун.

Тој ги повика жителите сериозно да ја сфатат опасноста и да се држат подалеку од поплавените подрачја.

Браун соопшти и дека американскиот претседател Доналд Трамп има намера да го одобри неговото барање за обезбедување федерални ресурси за справување со последиците од непогодата и за последователната обнова.

Градоначалникот на Индијанаполис, Џо Хогсет, ги повика жителите кои живеат во близина на реката Вајт да се евакуираат. Според него, градот се соочува со најтешките поплави во последните повеќе од 30 години, а ситуацијата брзо се менува.

Ова е без преседан и, за жал, соборуваме некои нови рекорди – изјави директорот на Службата за управување со вонредни состојби во округот Марион, Џејкоб Спенс.

Според Националната метеоролошка служба, во некои области за само два дена наврнаа повеќе од 28 сантиметри дожд. Реката Вајт достигна ниво над 7,32 метри кај Андерсон и Ноблсвил, надминувајќи ги рекордните вредности од 1913 година.
Предупредувањата за поплави остануваат во сила во голем дел од централна Индијана.

Во спасувачките операции се вклучија и возила на Националната гарда. До рано попладне во Индијанаполис биле спасени 91 лице и 45 домашни миленици, соопшти портпаролката на градската противпожарна служба, Рита Рајт.

Околу 400 луѓе самостојно се евакуирале од делови на северен Индијанаполис. Во округот Делавер биле извршени повеќе од 350 евакуации, а во округот Типтон властите евакуираа постари лица од населба со мобилни домови.

Претходно во текот на неделата, силни бури зафатија и други делови од Средниот Запад на САД, предизвикувајќи торнада, обилни врнежи и ненадејни поплави. Штети се регистрирани од областа на Чикаго до западна Пенсилванија.