Фотоархива
Нуклеарниот надзорен орган на ОН ги разреши отворените прашања од истрагата за тајните нуклеарни активности во Сирија за време на владеењето на семејството Асад, но не постигна напредок во случајот со Иран – објави Ројтерс.
Еден од извештаите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) , доставен до земјите-членки пред кварталниот состанок на Одборот на гувернери на МААЕ следната недела, ги пофали новите сириски власти за нивната „транспарентност и соработка“ во помагањето да се откријат активностите од минатото и материјалот што сè уште се наоѓа во земјата.
Откако претседателот Башар ал-Асад беше соборен од власт кон крајот на 2024 година, новите сириски власти се обврзаа да соработуваат со МААЕ.
Во 2007 година, Израел бомбардираше непријавена локација во источната сириска провинција Деир ез-Зор, за која извештајот објавен во вторникот потврди дека станувало збор за нуклеарен реактор во изградба.
Извештајот за Иран пак, покажа дека повторно нема постигнато никаков напредок. Инспекторите сè уште не се вратиле во нуклеарните објекти кои САД и Израел ги бомбардираа во јуни 2025 година.
До тие напади, МААЕ проценуваше дека Иран поседувал 440,9 килограми ураниум збогатен до 60 проценти чистота, што е само еден чекор подалеку од приближно 90-процентниот степен на збогатување потребен за ураниум за нуклеарно оружје. Според критериумите на МААЕ, тоа е доволно материјал, доколку биде дополнително збогатен, за производство на 10 нуклеарни оружја, а Иран поседувал и материјал збогатен до пониски нивоа.












