Единаесет лица се осомничени, а осум од нив приведени за незаконски постапки поврзани со операции на очи во приватна болница која имала договор со ФЗО. Оштетени се меѓу 3.000 и 4.000 пациенти на кои има се наплаќало двапати. Приватната болница, која е со турски капитал, земала пари и од ФЗО и од пациентите за извршените здравствени услуги.
Двајца поранешни директори на фондот од кои едниот е Ден Дончев, според информациите на Телма, се гонат дека во 2020 година заедно со претставник на приватната здравствена установа, склучиле договор спротивно на пропишаните постапки и интерни акти на фондот.
„Врз основа на договорот, преку внесување невистинити податоци во електронскиот систем на ФЗО и изготвување фактури со невистинита содржина, здравствената установа наводно наплаќала исти услуги и од Фондот и од пациентите. На пациентите, покрај законската партиципација, им била наплаќана и приватна цена за операциите, пришто им било прикриено дека услугите се наплаќаат и од ФЗО“, соопштија од МВР.
Штетата на буџетот на ФЗО е околу 1,7 милиони евра за исплати по фиктивни фактури и дополнителни околу 8.500 евра за ненаплатени договорни казни. Има сомнежи дека приватната болница од 2022 до 2025 година се стекнала со противправна имотна корист од околу 4,25 милиони евра, а парите од ФЗО биле користени за плати, набавки и други исплати.
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека истрагата која трае повеќе од една година ја иницирал тој додека раководеше со фондот.
„Да, јас бев иницијатор на истрагата, бидејќи станува збор за здравствена установа која имаше повторувачки прекршоци со години. Значи не еднаш, двапати, трипати, туку постојано повторување на слични прекршоци за кои не била соодветно казнувана. Јас предложив на Комисијата за прекршоци и таа прифати да се раскине договорот со таа здравствена установа за да се прекине ланецот на неказнивост“, изјави Клековски.
Во рамки на истрагата беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје и по една во Тетово и во Куманово, пришто одземени се 50.000 евра и мобилни телефони. Меѓу осомничените се претседателот на Управниот одбор, директор на Сектор за контрола, две раководителки од ФЗО, како и албански државјанин и една фирма. Кривичните дела кои им се ставаат на товар се „злоупотреба на службената положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување или уништување деловни книги“, „измама во службата“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.













