Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во прва официјална посета на Белград, за време на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека го разбира неговиот скептицизам во врска со приклучувањето кон ЕУ, но дека Украина е во војна и тие имаат визија за тоа каква треба да биде државата во иднина.
„Не станува збор само за реалност и ентузијазам во изборот на насока кон ЕУ. Го разбирам скептицизмот на Александар, кој го сподели со мене многу детално вчера. Украина нема време за скептицизам, ние сме во војна, сфаќаме и разбираме каква треба да биде Украина во иднина“, рече Зеленски.
Зеленски нагласи дека „треба напорно да работиме за да можеме да склучиме договор за слободна трговија меѓу Украина и Србија“.
Тој додаде дека ситуацијата во Украина не е едноставна и дека синоќа имало напад со балистички ракети и млазни беспилотни летала. Во однос на оружјето кое стигнува од сојузниците, тој кажа дека тоа е помало во споредба со претходната година.
„Кој поседува балистички ракети и системи? Производителот. Тоа се, САД. Дали можат да помогнат? Работиме на тоа. Дали ќе ни испорачуваат ракети секој месец? Да, имаме склучено договори. Но, дали тие ракети се доволни? Не. Веќе зборував за ова. Не наведувам конкретна бројка. Не можам да им ја откријам на Русите, а и нашите партнери побараа да не го правам тоа. Сепак, во 2026 год. има помалку од овие ракети. Во 2025 година ги имаше повеќе, во однос на месечните испораки.“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина
Од друга страна, Вучиќ порача дека не очекува војната во Украина наскоро да заврши. Тој најави дека Србија е подготвена да помогне во обновата на Украина, но посочи дека за евентуална воена соработка не разговарале на денешната средба.
„Што ќе биде кога војната ќе заврши, тоа е друго прашање“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател повтори дека Белград го поддржува територијалниот интегритет на Украина и изрази благодарност што Киев ја поддржува Србија по истото прашање.
„Верувам дека целата меѓународна заедница, вклучително и Србија и сите наши луѓе би сакале оваа војна да заврши што е можно поскоро; но ако ме прашувате мене, како политички ветеран,можам да ви кажам дека не сум сигурен во тоа и многу се плашам дека нè очекува уште една тешка зима“, рече претседателот на Србија Александар Вучиќ.
Вучиќ рече дека Србија и Украина меѓусебно се поддржуваат и во нивните европски интеграции. Сепак, тој не е оптимист дека Србија во блиска иднина ќе стане членка на Европската унија.
„Како политички ветеран, во овој момент не гледам можност, пред сè за Србија, наскоро да стане членка на ЕУ, од бројни политички причини. Тие секогаш ќе најдат некого. За нас ќе најдат некои Хрвати, Бугари, Холанѓани. За Украинците ќе најдат некои други“, рече Вучиќ.
И покрај разликите во ставовите, двајцата претседатели најавија продолжување на соработката.
Трговската размена меѓу Србија и Украина минатата година изнесувала околу 450 милиони долари, додека во првите шест месеци од годинава достигнала околу 321 милион долари. Меѓу најзначајните производи што Србија ги увезува од Украина е железната руда.













