Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Заради величењето на осудениот воен злосторник Младиќ – Китановиќ може да ја изгуби директорската функција во владата

/

Македонија

Сподели преку :

Владата ќе побара директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, да си замине од функцијата, доколку не го повлече својот став за Ратко Младиќ, откако неговата објава на социјалните мрежи предизвика остри реакции во јавноста.

Китановиќ објави фотографија на која Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“.

„Ставот на Далибор Китановиќ е негов личен став и неприфатлив за Владата. Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата. Волунтеризам е неприфатлив и Владата ќе побара од Китановиќ да го повлече ставот. Доколку Китановиќ не се согласува со политиките на Владата очекуваме негово повлекување од позицијата која ја извршува“ – соопштија од Владата.

Самиот Китановиќ денеска остана недостапен да го објасни ставот во кој велича воен злосторник, ниту пак да одговори дали ќе се повлече од Владата или од ставот за Младиќ.

На фејсбук страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, матична партија на Китановиќ, ден по објавата излегоа со статус во негова поддршка.

Ден претходно пак на ФБ партијата објави фотографија со порака дека Младиќ за многу Срби бил „свој генерал“.

Од СДСМ бараат одговорност од премиерот Христијан Мицкоски и од министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и лидер на ДПС.

Од партијата велат дека Мицкоски и Стоилковиќ се дел од, како што го нарекуваат, „хибридното дејствување“ на српскиот претседател Александар Вучиќ на Балканот и ја обвинуваат Владата дека земјата ја оддалечува од европските вредности.

„Јавното обвинителство мора да постапи за величањето на Ратко Младиќ и да ја утврди одговорноста на Иван Стоилковиќ, неговата партија и Далибор Китановиќ. Стоилковиќ е министер во Владата на Мицкоски и претседател на Демократската партија на Србите. Китановиќ е директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците. Мицкоски мора да каже дали во неговата Влада има место за функционери кои величаат или оправдуваат осудени воени злосторници или ќе ги повика на политичка одговорност. Ама Јавното обвинителство мора да си ја заврши работата и кривично да одговараат“ – рече Кети Штерјова од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со обвинувања за, како што велат, „хипокризијата“ на СДСМ. Тврдат дека поранешниот советник на Зоран Заев, Виктор Петрушевски, се споменува во шпионска афера поврзана со српската БИА, а истовремено градоначалници од СДСМ организираат концерти на српски пејачи кои, според ВМРО-ДПМНЕ, српската опозиција ги смета за блиски до власта на Александар Вучиќ.

Од ДУИ пак прашуваат што прави коалицискиот партнер на Мицкоски, Вреди.

„И ова не е ниту изолиран случај, ниту некаква моментална грешка од страна на партнерите на ВЛЕН: Иван Стоилковиќ и неговата српска партија постојано покажувале такви ставови, нарекувајќи го масакрот во Сребреница „некрофилски Дизниленд“. Токму овој политички профил и овој однос кон еден од најстрашните геноциди во Европа по Втората светска војна, ВЛЕН го има за партнер во Владата, додека и еден раководител избран од самиот ВЛЕН во институцијата надлежна за правата на заедниците е вклучен во величењето на Младиќ“ – тврдат од ДУИ.

Од ВЛЕН пак со став, дека уште синоќа укажале дека  глорификацијата на воени злосторници е неприфатлива.

„Уште позагрижувачки е кога вакви содржини се објавуваат од страна на раководител на институција чија задача е да ги штити правата на Албанците и на другите заедници. ВЛЕН бара итна одговорност. Оној кој не ги почитува жртвите и вредностите на соживотот не може да биде гарант на правата на заедниците“ – соопшти ВЛЕН.

Дебатата за и против Младиќ, како по дефиниција се префрли и на социјалните мрежи, каде исто така се присутни поделби.

Симона Петровска

Jumbo 2