Се враќале од одмор во Македонија и патувале кон својот дом во Италија. Но, наместо да стигнат до крајната дестинација, патувањето за нив завршило трагично во Словенија.
Во тешката сообраќајна несреќа која што се случи вчера загинале бабата и двете малолетни деца. Мајката и таткото на децата се повредени.
Едниот со хеликоптер, а другиот со Брза помош биле пренесени во болница.
Семејството го делеле уште стотици километри од дома, но на словенечкиот автопат нивното патување прекинало.

- МНР: Ве информираме дека до Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е доставено официјално известување од словенечката полиција за тешка сообраќајна незгода што се случила на 27 август 2026 година на автопатот А1, во близина на Унец. Случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер. Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во комуникација со надлежните словенечки институции и го следи понатамошниот тек на постапката.
Неофицијално, децата се на возраст од 4 и 11 години. Третото починато лице е на 74-годишна возраст, додека родителите на децата кои се повредени се на возраст од 33 и 39 години.
Од Општина Центар Жупа изразуваат длабоко сочувство по трагичниот настан во кој животот го загубија македонски државјани, по потекло од село Житинени а кои живееле и работеле во Равена Италија.
Тамошните медиуми пишуваат дека несреќата се случила вчера, во попладневните часови, на автопатот меѓу Унeц и Равбар-команда.
Во несреќата учествувале камион и патничко возило. Камионот, управуван од 64-годишен државјанин на Босна и Херцеговина, бил запрен поради дефект. Во тој момент, „Ауди А4“ со италијански регистарски таблички ја пробил заштитната ограда, а потоа со силен удар се забил во задниот лев дел од приколката.
Во автомобилот имало пет лица, сите македонски државјани кои живееле во Италија. Ударот бил кобен за тројца од нив.

Возачот на камионот, кој во моментот на несреќата бил во кабината, поминал без повреди.
На местото веднаш пристигнала полицијата и пожарникарите, а увид извршиле судија и јавен обвинител.
Поради страшната несреќа, автопатот во правец кон Копер бил затворен речиси осум часа, се до полноќ. Словенечката полиција го истражува случајот, а како што пишуваат словенечките медиуми по завршување на истрагата надлежните против одговорното лице ќе поднесат кривична пријава поради сомнеж за предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност.
Симона Петровска













