Снимањето тепачки и нивното објавување на социјалните мрежи му даваат нова, дигитална, димензија на врсничкото насилство. Последниот случај во Тетово, каде малолетници биле нападнати и влечени за јакните, а потоа снимката била споделена на специјализирана платформа за промоција на насилство, повторно ја отвори темата за насилството меѓу младите.
Таткото на едно од нападнатите момчиња откри дека постои посебен профил на ТикТок на кој редовно се објавуваат вакви инциденти. Според комуникологот Бојан Кордалов, социјалните мрежи можат да создадат лажна слика за реалноста, но истовремено можат да помогнат полесно да се препознаат и детектираат проблемите. Тој посочува дека за ваквите појави е неопходно да се разговара и во семејството.
„Факт е дека социјалните медиуми можат да создадат некаков привид или лажна слика дека само она што се случува онлајн е реално, а не и она што всушност се случува околу нас. Меѓутоа, во исто време, социјалните медиуми веќе 15 години и повеќе ни даваат можност да бидат вистинска рефлексија на општеството, ни даваат можност да ги видиме оние работи што се случуваат и брзо да дејствуваме, а не само да ги детектираме како проблем. Дополнително, врсничкото насилство реално се случува и во училиштата и во секојдневието околу нас. Врсничкото насилство во огромна мера зависи и од тоа каков пример ние, како возрасни, им даваме на самите ученици, како професори, а многу помалку од тоа дали се случува во онлајн-просторот или во секојдневието“, посочува комуникологот Бојан Кордалов.
Сличен став имаат и психолозите, кои сметаат дека дел од причините за насилното однесување треба да се бараат токму во домот, преку училишната средина, за да се превенира насилството пред да заврши во полициските билтени.
„Превенцијата е исто така и кај родителите. Ајде да почнеме да зборуваме и за одговорноста на родителите. Притоа, што тоа насилно дете го научило тоа насилство некаде. Некој му дал одобрување на детето дека е океј да правиш што сакаш и никој да не смее да ти каже не. Кој му го дал тоа одобрување?“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Во последните денови повторно се пријавуваат случаи на насилство меѓу младите. Меѓу нив е и случајот во населбата Вале, каде што момче било нападнато и претепано со боксирач, при што му биле скршени два заба.
Софија Бислимоски













