Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Вонредни инспекции во болниците за жената која остана неподвижна по царски рез

/

Македонија

Сподели преку :

Министерството за здравство нареди вонредни инспекции во трите болници низ кои 19 годишната родилка поминала во лекувањето. Државниот санитарен и здравствен инспекторат веќе врши надзор во болниците во Струмица и Штип, како и на Клиниката за неврологија во Скопје, а ќе ја проверува целокупната медицинска документација за да утврди дали во лекувањето имало пропусти.

Додека институциите најавуваат стручен надзор, од Клиничката болница во Штип уверуваат дека царскиот рез и непосредниот постоперативен тек поминале без компликации. Директорот Владко Захариев тврди дека пациентката била испишана во добра општа состојба и дека дури подоцна повторно се јавила со слабост на нозете, кога било откриено оштетување во спиналниот канал. Според него, досегашните сознанија не упатуваат дека состојбата е последица на спиналната анестезија. Сепак, најавува формирање стручен тим и порачува дека, ако се докаже лекарска грешка, ќе има одговорност.

Но, семејството не ја прифаќа ваквата верзија на настаните. Свекорот на младата жена, Велибор Стојанов, бара целосно расветлување на случајот и тврди дека при вчерашната преврска врз неа бил вршен притисок да потврди дека од болницата била испишана во добра здравствена состојба.

Од Министерството за здравство велат дека ќе ги почекаат резултатите од стручниот надзор пред да изнесат заклучоци. Апелираат јавноста да не шпекулира додека трае постапката и најавуваат дека по завршувањето на инспекциите ќе ги соопштат утврдените факти и евентуалните мерки.

Деветнаесетгодишната Станка Михајлова од струмичкото село Баница, мајка на две деца, по породувањето со царски рез остана со параплегија и денес се движи со инвалидска количка. Токму одговорот на прашањето како дошло до ваквата состојба треба да го даде вонредниот инспекциски и стручен надзор.

Сузана Мицева

Jumbo 2