Во струмичката полиција досега немало пријави за семејно насилство или друг вид кривични дела за членовите на најблиското семејство на четиригодишното девојче кое со инфицирани рани и скршени ребра заврши на Детската клиника во Скопје. ОД СВР Струмица велат дека тие не се евидентирани во системот како прекршители. Засега останува нејасно колку долго семејството престојува во Струмица, бидејќи немаат лични документи и невидливи се за системот.
Министерката за труд и социјална политика Тренчевска, рече дека службите ќе се погрижат да бидат евидентирани.
Од основното јавно обвинителство велат дека се издадени повеќе наредби по кои се постапува.
Завршен е судско-медицинскиот преглед на девојчето, издадена е наредба до МВР за проверка на условите на живеење на семејството и увид во домот, за кои од МТСП рекоа дека се субстандардни, а обвинителството побарало и податоци за идентитетот на детето.
Јавнообвинителската одлука ќе ја донесат откако ќе завршат сите проверки.
По извршениот увид од страна на стручен тим од Центарот за социјални работи Струмица, трите малолетни деца во семејството се привремено сместени кај дедото, а ќе им се бара згрижувачко семејство.
За тоа време ќе се зајакнуваат родителските капацитети на мајката. Децата нема да им се вратат се додека не се процени дека семејството има капацитет за нивна грижа и одгледување.
Сузана Мицева













