Вкупно 63 општини лани потрошиле четири милиони евра за разна финансиска поддршка и дотации за жителите во општините – открива новото истражување кое денеска го објави Центарот за граѓански комуникации.
Сумата потрошена во изборната 2025, е за речиси еден милион евра повеќе отколку во претходната 2024 година.
Пари и помош биле доделени на вкупно 58.290 граѓани, што во споредба со претходната година, е зголемување за речиси 13 илјади луѓе.
Најголемиот дел од нив се од Гази Баба и Кисела Вода. Но, најмногу пари поделиле скопските општини Аеродром и Центар, секоја по повеќе од половина милион евра – покажува истражувањето.

Пари се доделувани за вкупно 92 различни основи – од прво дете, првоодделенци, средношколци, млади, матуранти и сл. до лица во социјален ризик и пензионери. Исто така, доделувани се и училиштен прибор, ранци и дрва, а парична поддршка е давана и за купување велосипеди, тротинети, дигитални уреди, пелети и печки за пелети, клима уреди и сл.
Субвенционирани се и сметки за комуналии, за полагање возачки, за превоз и за паркинг.
Пари се давани за стапување во брак, за санација на покриви, за прозорци, за лифтови, за стипендии, а наградувани се првенци на генерација, најдобар наставник, полицаец, земјоделец, пожарникар и доктор.
100.000 денари за брак, 200.000 за фасада
Основа за која најмногу општини доделуваат парична помош е за секое новородено дете. Истражувањето нотира дека по овој основ, пари даваат дури 50 општини, а 38 општини даваат пари и друга помош за првачиња. Највисок износ за првоодделенци, 8.000 денари, дава Општина Могила. За новороденчиња, најмногу пари, 30.000 денари дава Општина Старо Нагоричане.
Од другите основи, најмногу пари се доделувани за поправка на фасади и за замена на лифтови, над 200.000 денари. Највисок поединечен износ што исплатила една општина е Конче, која дава по 100.000 денари на секое лице над 35 години кое стапило во брак.
Секоја општина со различни правила, износи, категории и називи
Речиси нема општини кои исплатуваат помош за исти основи, освен можеби помошта за првачиња и новороденчиња – наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Исто така, додаваат оттаму, нема воедначеност ни меѓу сумите што ги исплатуваат општините за иста основа.
Пример, за новороденче се исплатуваат од 3.000 до 30.000 денари, а за прваче сумите се движат од 2.000 до 8.000 денари. И за првородено дете сумите се различни и тоа од 6.000 до 30.000 денари. Во категоријата „најдобар“ износите се движат од 5.000 за најдобар ученик до 30.000 за најдобар земјоделец.
Она што останува нејасно е дали општините имаат ингеренции за вакви дотации и помоши, бидејќи од општина до општина се применуваат различни правила, процедури, постапки, износи и категории. Општините, во своите правилници и и одлуки за доделување на разните помоши, се повикуваат на различен член од Законот за локалната самоуправа.
Сепак, најчесто е повикувањето на членот 36, став 1 каде што се наведени надлежностите на Светот на општината и точката 15 „Врши и други работи утврдени со закон“.
Податоците за истражувањето се добиени од единиците за локална самоуправа врз основа на одговори на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер испратени со иста содржина и во ист ден до сите 81 единица на локалната самоуправа.
Три единици на локалната самоуправа не одговорија на барањата и не ги доставија бараните податоци, ниту по решение на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кое им се наложува да одговорат на барањата. Станува збор за Град Скопје и за општините Сарај и Чаир – посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.













