Внатрешната контрола на министерството за внатрешни работи (МВР) не го истражува постапувањето на полицајците за тепачката која се случила на сред „Широк Сокак“ во Битола, а по која еден од учесниците беше пронајден мртов пред болницата во Битола. Ова го потврдуваат и од полицијата и од обвинителстово надлежно за истраги за полициски службеници.
Од полицијата велат дека тепачката била пријавена во 03:45 часот по полноќ на 31 август и дека биле повикани неколкумина на службен разговор во полиција, но не откриваат дали веднаш по инцидентот или откако јавноста дозна за случајот. Снимка на која се гледа како еден човек влече друг кој е во бессознание се појави на социјалните мрежи, а она што беше специфично е дека човекот кој е влечен е жив, додека оној кој го влече е пронајден мртов. На разговор бил повикан оној кој на снимката го влечат, но пуштен на слобода.
Полициски извори за Телма откриваат дека на дел од снимките со кои располага полицијата се гледа како двајцата учесници во тепачката се движеле гушнати на „Широк сокак“, по што во еден момент започнуваат кавга и тепачка. Обдукцијата покажа дека оној кој на снимката изгледа во добра здравствена состојба, всушност починал од застој на срцето, но засега нема објаснување од што е предизвикан.
Тој во битолската болница, со Брза помош веднаш по тепачката, бил донесен на прегледи, бил испратен на психијатрија, на неврохирургија, хирургија и на рентген, но ја напуштил болницата без да направи рентген. Што утврдиле докторите при прегледите од болницата не откриваат, туку велат дека се е предадено на истражителите. Но, она што останува мистерија е што се случувало во часовите откако заминал од болницата и како после шест часови беше пронајден мртов во нејзиниот двор. Исто така не се знае во каква состојба е човекот кој на видеото е влечен.
Денеска од обвинителството и полицијата велат дека нема нови информации кои би можело да се споделат со јавноста, а поврзани со двата случаја. Телма вчера објави дека човекот кој беше пронајден мртов е 39-годишниот Јашар И кој од Струмица се преселил во Битола пред 10-тина години откако имал фамилијарни проблеми.
Билјана Николовска Тодорова













