Власта крева рачна со Законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“ кој по брза постапка требаше да ги реши проблемите со доцнењето, но отвораше други, многу посериозни. Премерот Христијан Мицкоски денеска вели дека предлогот за закон по скратена постапка, кој дојде од пратеници од владејачкото мнозинство, бил симнат по негово инсистирање. Мицкоски вели дека со години не било направено ништо и се соочиле со можност, за првпат во историјата, на некој град да му биде одземена титулата европска престолнина на културата, но законот се прави согласно праксата и препораките на ЕУ.
„Јас како човек нема да дозволам да остане каков било милиметар сомнеж во кој било процес. Затоа и на мое инсистирање законот од парламентот беше повлечен. Истиот ќе биде ставен на јавна дебата, истиот ќе се дебатира, малку ќе задоцниме за жал со некои од подготовките како влада, бидејќи веќе 10 години се доцни од претходната влада и од претходните градоначалници, но ќе се обидеме тоа темпо да го задржиме на крајот на годината и да влеземе во процес во кој сè ќе биде навремено испорачано, а Скопје ќе биде Европска престолнина на културата 2028“, вели Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Клиничката болница во Битола.
Минатиот месец, Град Скопје ја формираше Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ која треба да го спроведе проектот. Антикорупционерите реагираа што со предлогот се суспендира Законот за јавни набавки, а парите за проекти, околу 21 милион евра, ќе ги дели петчлена комисија, поставена од одборот на Фондацијата, кој, пак е именуван од градоначалникот. Тоа, според нив, го зголемува ризикот од корупција.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го постави поранешниот директор на МРТВ, Марјан Цветковски за овластено лице. Според предлог-законот, градоначалникот назначува одбор на Фондацијата, која го именува директорот. Во случај кога нема одбор, градоначалникот го назначува директорот, но законот не е донесен.
„Затоа е потребно пратениците кога креираат предлози за нови законски решенија или измени на активни закони да ја консултираат експертската јавност, затоа што во овој случај се крши и уставот“, вели Снежана Камиловска од МЦМС и Платформата за борба против корупцијата.
Европската комисија уште во октомври во 2024 година објави извештај од мониторингот во кој имаше сериозни забелешки за неспроведените задачи. Европските препораки се да се формира независно тело, ослободено од политички влијанија за спроведување на проектот. Исто така се бара јасност при изборот на директор и уметнички директор. Во однос на јавните набавки, не се бара суспендирање на законот за јавни набавки, туку да не се изгуби од вид уметничкиот квалитет при оценувањето на апликациите.
Во Град Скопје прашавме на кој начин бил избран Цветковски, кога и на кој начин ќе бидат именувани одборот, надзорниот одбор и уметничкиот директор, но до почетокот на овие вести не добивме одговор.
Срѓан Стојанчов













