Протекување вода во собите и недостиг на парно греење се проблемите на кои реагираат студентите од студентскиот дом „Стив Наумов“. Тие за Телма велат дека уште во понеделникот пријавиле до надлежните служби на студентскиот дом дека внатре протекло вода. Добиле одговор дека веднаш ќе дојде мајстор. Но, навремена реакција немало и вчера водата продрела во собите. Од платформата „Студентарија“ повикуваат ваквите проблеми да се решаваат навремено.
„Кога студентите ќе забележат проблем во собите или заедничките простории пријауваат кај надлежните служби во студентскиот дом и очекуваат брза реакција. Во конкретниот случај проблемот бил пријавен во понеделник. Мајстор не дошол и вчера водата продрела во собата. Сметаме дека треба да се утврди причината за дефектот и да се утврди зошто не било веднаш постапено по пријавата“, велат од платформата „Студентарија“.
Директорот на Државен студентски дом, Александар Каровски вели дека домот е под гарантен период од 18 месеци. Доколку настане некој проблем, тие се надлежни да пријават до МОН кои го известуваат изведувачот кој е задолжен за нивно санирање.
„Според договорот со изведувачот на реконструкцијата на домот, објектот и сите пропратни содржини имаат гарантен период од 18 месеци. Нашата обврска како институција е да ги пријавуваме настанатите проблеми до проектната единица во МОН која го известува изведувачот кој треба да ги санира штетите. Во врска со парното греење домот е приклучен на системот на ЕСМ кој е надлежен за дистрибуција на топлинска енергија според правилата на регулаторната комисија, т.е одредена надворешна температура нема греење“, изјави Александар Каровски, директор на Државен студентски дом.
Ова не е првпат студентите да реагираат на некој проблем. Тие и претходно се жалеа на немање топла вода и парно греење како и лоша исхрана.
Тамара Марковска













