Владата останува на планот за обединување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР), а процесот ќе се спроведува транспарентно, со јавна дебата и засилен парламентарен надзор, потврди од собраниската говорница, премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница, одговарајќи на пратеничко прашање од Митко Трајчулески од СДСМ, кој побара Владата да се откаже од планираната реформа.
Трајчулески предупреди дека спојувањето на двете агенции може да доведе до прекумерна концентрација на безбедносна моќ и да создаде услови за политичка злоупотреба на службите. Како аргумент ги посочи претходните случаи на злоупотреба на безбедносниот апарат, меѓу кои и скандалот со незаконското прислушување.
Мицкоски, пак, рече дека обединувањето е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и дека подготовките се одвиваат во координација со надлежните институции и стратешките партнери на државата.
„Оваа влада планира да направи реформа во начинот на кој функционираат службите. Прво, затоа што кога бевме во опозиција, бевме жртви на тие служби, а за тоа има судски процеси“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека процесот нема да биде затворен, туку ќе вклучува јавна дебата и соодветни механизми за парламентарна контрола.
Според премиерот, целта е да се воспостави поефикасен систем за функционирање на безбедносните служби, кој ќе овозможи навремено обезбедување информации за заштита на суверенитетот и демократскиот капацитет на државата, без простор за злоупотреби.
Премиерот ги отфрли сомнежите дека обединувањето на АНБ и АР би можело да доведе до нови случаи на незаконско прислушување. Како аргумент ја посочи Оперативно-техничката агенција (ОТА), како и законските механизми за утврдување одговорност во случај на злоупотреба.
„Ако зборуваме за нешто што е спротивно на законот, тоа е злоупотреба и за тоа постојат механизми и одговорност пред законот“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека реформата е предвидена во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и дека слични модели постојат во Соединетите Американски Држави, Хрватска и други европски земји, како и меѓу партнерите во НАТО.
Мицкоски не соопшти конкретен рок за завршување на процесот, но порача дека реформата ќе се спроведува со цел да се обезбеди ефикасно работење на службите и заштита од незаконско постапување.













