Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Влада: Фетаи ќе ја јакне видливоста на државата во Брисел, опозицијата обвинува за создавање паралени политички канали во ЕУ

/

Македонија

Сподели преку :

Од вицепремиер кој со месеци не доаѓаше на работа, до специјален претставник на државата во ЕУ. Арбен Фетаи кој во владата до 1 јуни беше вицепремиер за добро владеење, од каде самиот си поднесе оставка објавувајќи ја на фејсбук откако се дозна дека тој неколку месеци не се појавувал на работа, додека споделуваше фотографии од Тајланд, вчера, исто така на фејсбук, обелодени дека од владата е назначен за специјален претставник во ЕУ.

-По долга кариера во Брисел и со искуството стекнато во Владата на РС Македонија, каде што ја покажав мојата посветеност на европската перспектива на земјата, застанувам на оваа позиција со целосно убедување дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ. Им се заблагодарувам на премиерот и на Владата за нивната доверба. Патот до Брисел продолжува, напиша Фетаи на „фејсбук“.

Фетаи со новата функција всушност се враќа во Брисел, каде и живееш пред да седне во вицепремиерската фотелја на предлог на Вреди.

На испраќањето на Фетаи во ЕУ како специјален претставник реагираше поранешниот вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи, Бујар Османи. Тој го проблематизира мандатот на Фетаи, прашувајќи која задача ќе ја извршува Фетаи во Брисел, а која не можат да ја завршат амбасадорот, Постојаната мисија во ЕУ и две министерства – за надворешни работи и европски прашања.

–Создавањето паралелен политички канал во Брисел ја обезвреднува државната Мисија, го поткопува авторитетот на амбасадорот и создава нејаснотии околу тоа кој ја претставува државата пред институциите на Европската Унија, наведува Османи во реакцијата.

Од владата пак за Телма информираат дека назначувањето на Фетаи е со цел државата да има лице кое ќе работи на конкретни стратешки приоритети и ќе придонесе за поефикасно остварување на националните интереси.

–Неговите обврски ќе опфаќаат претставување на државата и заштита на нејзините интереси во меѓународната комуникација, давање предлози и препораки до надлежните институции, промоција на резултатите од реформските процеси, идентификување на политички и дипломатски предизвици, зајакнување на позицијата и видливоста на државата во Брисел, остварување редовни средби со клучни носители на одлуки, дипломатско застапување на политиката на проширување и иницирање посети на високи претставници на Европската Унија во Скопје, стои во одговорот од Владата за надлежностите кои ќе ги има Фетаи.

Од владата притоа наведуваат дека Фетаи активно работел на отворање на можности за обезбедување финансиски средства и продлабочување на соработката со европските институции, но и оти тој говорел три странски јазици, за што велат дека е предност за извршувањето на обврските.

На назначувањето на Фетаи реакција стигна и од партијата Левица од каде го обвинија премиерот, Христијан Мицкоски, дека коленичи пред Вреди, бидејќи Фетаи наместо да сноси одговорност што со месеци не се појавувал на работа, тој е награден со дипломатски статус и нова државна титула.

Од Либерално демократската партија пак испраќањето на Фетаи во Брисел го оценуваат како срамно и скандалозно и шлаканица и плукање в лице на граѓаните, со став дека Владата нема срам кога станува збор за трошење на народните пари и поделба на лукративни или измислени фотелји.

Тамара Грнчароска

Jumbo 2