Жешкото време и високите температури го зголемија и ризикот од пожари. Центарот за управување со кризи предупреди дека источниот, централниот и јужниот дел од земјата се со многу висок индекс на опасност од пожари. Тоа значи дека шумските пожари и оние на отворен простор можат лесно да избувнат, но и многу брзо да се шират и да достигнат висок интензитет.
„Во услови на високи температури и зголемена опасност од пожари, апелирам до граѓаните на особена внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа. Секое невнимателно постапување може да предизвика пожар кој, во вакви временски услови, може многу брзо да се прошири и да зафати поголема површина“, предупредуваат од ЦУК.
Денеска најсериозна е состојбата во Крива Паланка. Пожарот на депонијата за комунален отпад избувна вчера попладне, а пожарникари те и комунални работници се борат да го локализираат. На терен се и екипи од соседни општини, како и локални компании и приватни лица со механизација. Пожарот се гасне со вода, но и се затрупува со земја. Чадот и непријатната миризба се чувствуваат и во градот.
–Вчера околу 17 часот, депонијата беше зафатена од пожар од поголем обем. Во текот на ноќта активно се вклучија пожарникари од ТППЕ Крива Паланка, вработени во ЈП „Комуналец“, а на помош дојдоа и пожарникари од соседната општина Ранковце , вели Сашо Митовски, градоначалник на Крива Паланка.
Од ЦУК информираат дека денеска до 13 часот регистрирале девет пожари на отворен простор. Пет сè уште се активни, покрај на депонијата во Крива Палнка, гори во Горно Лисиче, на автопатот Скопје-Велес кај Илинден, Турново во општина Босилови , Симница кај Гостивар . Еден пожар е под контрола, а три се изгаснати.
Недостигот на пожарникари, старите возила и недоволната опрема се проблем со кој дел од единиците се соочуваат со години. Во Радовиш, ново противпожарно возило се обезбедува со донации. Преку институциите, граѓаните и дијаспората се собираат средства за противпожарен камион за локалната единица.
„Ја започнуваме кампањата за обезбедување на противпожарно возило за ТППЕ Радовиш. Секоја донација, без оглед на износот, е од огромно значење“, соопштија на социјалните мрежи од ТППЕ Радовиш.
Од ЦУК велат дека продолжуваат со следење на состојбата и координација на надлежните институции.
Управата за хидрометеоролошки работи извести дека продолжува периодот на сончево и многу топло време, со дневни температури до 40 степени cелзиусови. Високите температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови. Дожд може да се очекува кон крајот на следната недела.
Емилија Мисирлиевски













