Симеон Михаилов од Кочани по кој е распишана меѓународна потерница за случајот Детонатор и има правосилна судска пресуда од 12,5 години за обид за убиство на Драганчо Стоименов, познат како Дацо Белски, вчера и денеска даваше изјави на бугарските медиуми. Михаилов се претстави дека е татко на Ива Михаилова, а за која во тек е судски процес за сообраќајна несреќа, која се случила лани и во која има загинато и едно лице.
За овој случај вчера во Кочанскиот суд присуствуваа и неколку пратеници од бугарското Собрание, како и голем број на медиуми, бидејќи Михаилова која има двојно државјанство македонско и бугарско се жали на дискриминација, односно како што вели не ѝ е дозволено да се лекува во Република Бугарија.
Телма побара и одговор од Министерството за внатрешни за работи во врска со тоа дали лицето Симеон Михаилов кое вчера се престави дека е татко на Ива Михаилова е истото лице по кое е распишано меѓународна потерница.
Во одговорот МВР потврдува дека против истото лице има активна меѓународна потерница.
„Ве информираме дека меѓународната потерница за лицето за кое се однесува Вашето прашање е се уште активна“, велат од МВР.
Михаилов по кого македонските власти трагаат и има распишано меѓународна потерница утринава во разговор за емисијата „Здраво Бугарија“ на телевизијата НОВА ја вмеша и политиката.
Михаилов е еден од петнаесетмината осуденти за случајот Детонатор, познати како криминалното подземје во Кочани и Виница, вмешани во убиство во обид, насилство, лихварство, изнуда и недозволено држење оружје. До 2013 година полициските билтени информираа за запалени автомобили, подметнати бомби, тепачки и меѓусебни пресметки во дискотеки и кафулиња.
Викторија Јованова













