Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Вештакот Марковски до адвокат: Ваша претпоставка е дека ниту 10 апарати немало да го изгаснат пожарот

/

Македонија

Сподели преку :

Адвокатката на обвинетиот Гроздан Милковски со серија прашања бараше потврда од вештакот Горан Марковски од Градежниот факултет дека кога му го издал објектот на Дејан Јованов во декември во 2012 година, бил согласно законите и урбанистичкиот план.

Професорот потврдно одговори дека состојбата на објектот пред биде предаден и да стане дискотека не се причина за последиците од пожарот. Но, беше дециден дека според законот за градење, барање за пренамена на објектот треба да поднесе сопственикот. Дополнително потенцираше дека општинсите градежни инспектори се надлежни за контрола на објектите дали се согласно намената. „Пулс“ бил угостителски објект сместен во објект наменет за лесна индустрија.

Во однос на ПП апаратите во „Пулс“, дека имало два, а требало да има четири, вештакот Марковски доби прашање дали се согласува дека ниту 10 немало да го изгаснат огнот. Тој одговори „тоа е ваша претпоставка“.

На повеќе прашања од одбраната за пожарот, вештакот рече дека „брзото ширење е последица на материјали за градба“, а на прашањата дали прскалките го предизвикале тој рече дека „нивното вештачење не се занимава со причините за настанување на пожарот“. Дел од адвокатите реагираа за ова, но обвинителите одговорија дека има друго вештачење за причините за пожарот.

Од обвинетиот Милковски, вештакот не доби прашања, туку контрастав дека не се согласува со него за некои работи, а следуваа и објаснувања за состојбата на објектот. Кога и покрај барањето на судијката да постави конкретно прашање, тој продолжи. Следуваа рекации во судницата од роднините.

„Наместо суштински вкрстени прашања, слушаме долги серии повторувања и враќање на веке кажаното“, реагираа родителите.

„Вкрстеното испрашување треба да служи за проверка на доказите и утврдување на фактите, а не за проверка колку долго можат судот, вештаците и родителите да издржат бесконечно повторување на прашањата без суштина. Одбраната има право да брани и никој тоа не го спорува, но ако нема што суштински да се оспори, одолговлекување на рочиштето нема магично да создаде аргументи.  Ние ќе седиме и ќе слушаме колку што треба, затоа што зад ова судење не стојат само купишта документи и вештачења, стојат 63 животи што завршија и семејства кои секој ден ги живеат последиците“, рече Александар Наунов од „Здружение 16 март 2025“.

Ова е второ рочиште на кое адвокатите и обвинетите за пожарот во „Пулс“, во кој животот го  загубија 63 млади луѓе, им поставуваат вкрстени прашања на вештаците и преку нив се обидуваат да го побијат обвинението за тешки дела против општата безбедност.

Елена Ивановска Мукоска

Jumbo 2