Девет лица се повредени во сообраќајна несреќа што се случи утрово пред 9 часот, на само неколку километри од Битола, на магистралниот пат кон Прилеп. Нема жртви во овој верижен судир во кој учествувале четири возила. Патот беше затворен до 12 часот, а сообраќајот пренасочен по стариот пат Битола – Прилеп. На местото на несреќата интервенираа повеќе екипи на Итната медицинска помош и битолските пожарникари кои ги извлекуваа повредените од возилата.
Во Клиничката болница Битола беа пренесени сите девет повредени лица. Кај двајца, од кои едниот е странски државјанин, беа извршени хируршки интервенции. Вкупно шестмина се хоспитализирани, а тројца се пуштени на домашно лекување. Сите се во стабилна состојба
„Кај сите повредени пациенти континуирано се следи здравствената состојба, а во готовност се и дополнителни медицински екипи кои ќе бидат повикани доколку тоа го наложи состојбата на повредените“, изјави директорката на Клиничката болница Битола, д-р Ненси Лозанче.
На местото на несреќата увид извршија полициски екипи и јавен обвинител кој издаде повеќе наредби и насоки за целосно испитување на причините и околностите под кои се случила сообраќајната несреќа.
Емилија Мисирлиевски













