Кон крајот на август на потегот од Попова Шапка кон Титов Врв од несовесни поединци беше уништена маркација за движење во планина, па следуваше случај на планинарка која се изгуби на тој дел од Шар Планина. Потоа државата потроши средства и ресурси на сите граѓани, спасувајќи ја дури на друга страна од планината, каде залутала поради отстуство на маркацијата.
Ова ситуација покажува дека целото општество трпи поради несовесните постапки на поединци, велат од организацијата „Одржливи Авантуристички Патувања“ која ја постави маркацијата и тоа со донации од странски амбасади.
„Апелот е до сите љубители на планината, до сите посетители на планините да не ги оштетуваат маркациите. Тие се важни за безбедноста на планинарите, за посетителите на планините и најважно за развојот на туризмот, активниот туризам. Затоа внимавајте ги и чувајте ги маркациите и почитувајте ја природата“, вели Александар Богоевски.
За уништување на еден столб од планинарската маркација се потребни само неколку минути. За изградба на инфраструктурата се потребни месеци работа, соработка и посветеност, нешто од што не сме подготвени да се откажеме. Ова е заедничката порака на градоначалникот на Тетово, Билал Касами и австрискиот амбасадор Мартин Памер кои со раководството на Националниот парк и ски центарот Попова Шапка деновиве беа долж патеката за да се санира дел од штетата.
„Пратија огромна порака дека сторителите на вакви вандализми ќе бидат казнувани, затоа сите заедно стоиме позади ова дека треба да се чуваат маркациите и треба да се дојавува веднаш кога ќе се види дека нешто се оштетува на планината“, додава Богоевски.
Проектот „Славков“ овозможи поставување на околу 120 метални столбови за маркација од кои 50-тина беа уништени.
Александар Самарџиев













