Партиски и владини извори за Телма потврдија дека утре во 15:00 часот треба да се одржи средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Според информациите на Телма, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се согласил на средбата. Потврда за ова стигнаа од извори од двете страни.
Владата планираше средби за консултации со политичките партии од опозицијата поврзано со францускиот предлог.
Вечерва пак Мицкоски присуствуваше на протестот против предлогот кој се одржа пред владата.
Од владата доцна вечерва во саботата ја потврдија средбата како дел од консултациите за францускиот предлог со следното соопштение:
Во рамки на широката консултација која започна да се реализира веднаш по добивањето на европскиот предлог, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во текот на утрешниот ден ќе ја одржи средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство.
По добивањето на предлогот од француското претседателство, премиерот Ковачевски одржа консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите. Премиерот Ковачевски најави дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Северна Македонија.













