Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Укинување на вториот пензиски столб нема да го реши проблемот со пензискиот систем – велат од Aсоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови

/

Македонија

Сподели преку :

Укинување на вториот пензиски столб и префрлање на средствата во првиот не е невозможно, но тоа нема воопшто да го реши проблемот со пензискиот систем. Најмногу што може да се постигне со национализација на вториот пензиски фонд е делумно да се покрие дефицитот и тоа за најмногу три години, велат од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ). Потоа, одново ќе се јави дисбалансот меѓу помалите уплати од страна на работниците наспроти поголемиот вкупен износ за исплати на пензии.

Притисокот за исплата на пензиите од државниот буџет се очекува да почне да се намалува дури во текот на следната деценија, кога значително ќе се зголеми бројот на пензионери од задолжителниот двостолбен систем.

„Во моментот кога ќе дојде време да се исплаќаат паралелно пензии и од првиот и од вториот столб, обврската за исплата на пензии некаде половина од износот ќе падне на терет на вториот столб. Државниот фонд на ПИОМ и понатаму ќе продолжи да задржува повеќе од две третини од вкупниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување. На тој начин, поголем износ на придонеси во првиот столб, а поделена обврска за исплата на пензиите, значи дека низ годините постепено ќе се избалансираат приходите и расходите на ПИОМ и ќе дојдеме до состојба на негова одржливост. Тоа е целта на реформата“, вели Марјан Николовски, претседател на Асоцијација на друштва за управување со пензиски фондови.

Во моментов вториот пензиски фонд кој се формираше во 2005 година и е задолжителен, има над 637 илјади осигуреници, од чии бруто плати за оваа намена се одвојува износ од 6%. Околу 150 лица веќе почнаа да користат пензија со комбинирано учество од првиот и вториот фонд. Очекувањата се дека до 2030 година ќе има над 4.000 пензионери кои ќе добиваат пензии и од вториот фонд.

„Две децении по започнувањето на реформата во 2005 година, ние денес сè уште се соочуваме со демографските предизвици поради кои и беше воспоставена реформата. А, тоа е дека има недоволен број на осигуреници кои што плаќаат средства за да можат тековно да се исплаќаат пензиите на тековните пензионери. Во двата система, без разлика дали е едностолбен или двостолбен, генерално параметрите од кои што зависи пензијата се еднакви. Тоа значи дека идните пензии зависат од должината на пензискиот стаж, од времето поминато во осигурување и од висината на основицата, односно на просечната плата на која што биле пријавувани осигурениците во рамките на целиот работен век. Значи, просто кажано, идната пензија на секој осигуреник зависи од неговото лично учество во системот“, вели Марјан Николовски, претседател на Асоцијација на друштва за управување со пензиски фондови.

Во моментов во вториот пензиски фонд има 3,4 милијарди евра, од кои над 1 милијарда евра е плодот од инвестициите. Две третини од парите на осигурениците се вложуваат во домашни обврзници, 30 отсто се во странски акции и фондови, а 5 отсто се во странски обврзници и домашни акции.

Средствата во вториот столб се личен имот на осигурениците и тие пари се наследни. Со полн работен стаж од 40 години, пресметките се дека пензиите од комбинираниот систем на исплата би биле исти или нешто повисоки од сегашните пензии кои се земаат само од државниот фонд.

Мирјана Јовеска

Jumbo 2