Неколку истрели беа фатални за 26-годишен маж, откако синоќа кон него и група луѓе било пукано од две лица кои се движеле со мотор. Тешко повредениот бил пренесен на ургентен, каде лекарите се обидувале да му го спасат животот, но во текот на ноќта им подлегнал на повредите. Напаѓачот по пукањето избегал и по него се трага. На неколку метри на местото на инцидентот на раскрсница помеѓу ул. „Прохор Пчински“ и ул.„Војдан Чернодрински“се наоѓа полициската станица Бит-пазар.
– Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26), сите од Скопје, стоеле пред излог на фирма. Во тој момент застанал мотоцикл со две лица, кои пукале со огнено оружје кон групата, по што побегнале. Еден од проектилите го погодил А.М., кој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што починал.Полицијата и обвинителството трагаат по мотивите и напаѓачот, информираат од МВР.
-Извршен е увид на лице место, прибрани се траги кои ќе бидат предмет на вештачење, издадена е наредба за обдукција, се преземаат и други дејствија во обезбедување докази, велат од ОЈО.
Телма неофицијално дознава дека осомничениот за пукањето е лице кое издржува затворска казна и кое во моментот на нападот било пуштено на викенд. По него во моментов се трага. Првичните сознанија упатуваат дека зад убиството би можела да стои пресметка меѓу криминални групи поврзани со трговија со дрога.
Во информациите до кои дојде Телма се споменува и криминалната група Беланоца, но мотивот и евентуалната поврзаност со оваа група се уште се предмет на проверка и за нив засега нема официјална потврда. Телма неофицијално дознава и дека починатиот бил од Топанско.
Симона Петровска













