Директорот на инфективната клиника, Фадил Цана, денеска информираше дека од последиците на западно-нилската треска, во болницата денеска починало уште едно лице, маж на возраст од 61-година.
Како и во претходните два смртни случаи, станува збор за пациент кој бил хоспитализиран во тешка здравствена состојба, со повеќе ризични коморбидитети, вклучувајќи и обезност.
Со тоа, вкупниот број на починати од ова вирусно заболување кое го пренесуваат комарците се зголеми на три лица.

Досега потврдени се 35 случаи на заболени лица, како и 3 суспектни на западно-нилска треска.
Од лицата кои се хоспитализирани, шест се во критична состојба, сите над 60 годишна возраст.
Истовремено, Цана потврди и дека возрасната граница кај инфицираните со невроинвазивна инфекција се поместува, при што најмладиот пациент има само 25 години.













