Транспаренси Интернешнл–Македонија го објави јулското издание на барометарот „Бистро–Матно“, во кое се нотираат клучните случувања поврзани со корупцијата и владеењето на правото.
Меѓу „матните“ настани се издвојуваат критиките од Европската комисија за застојот во реформите, падот на довербата во судството, застарувањето на предметите „Талир 2“ и „Тотал“, како и серијата ревизорски извештаи што открија сериозни слабости во работењето на повеќе државни институции и јавни претпријатија.
Од друга страна, „бистрите“ настани покажуваат дека активното пријавување на неправилности и институционалната соработка даваат резултати.
Во текот на јули беа покренати постапки за поткуп против директор на државен инспекторат, двајца стоматолози, службеник во Агенцијата за вработување.
Барометарот „Бистро–Матно“ и овој месец укажува дека борбата против корупцијата останува предизвик, но дека ефикасното постапување на институциите и охрабрувањето на граѓаните да пријавуваат неправилности се клучни за поголема отчетност и владеење на правото.













