Во тензична атмосфера и вербални конфликти. Вака течеше јавната презентација во Општина Центар каде денес беше претставен деталниот урбанистички план за Барутана – каде треба да се изградат нови 29 000 квадратни метри во станбени згради. Планот предвидува 25 нови објекти на Барутана, со дозволена градба до два спрата плус приземјето. Раководителката на Секторот за урбанизам Танкица Христова Спасовска го претстави деталниот урбанистички план.
„За да немаме отпор, што се јавува секогаш кога има експропријација откупувањето мора да биде праведно. Никој нема да се буни ако му се објасни дека е за јавното добро, но да може да си го остварри својот интерес на друго место. Во општина Центар има малку слободни земјишта“, рече таа.
Дел од граѓаните се интересираа за тоа како планот се однесува на нивните земјишта и имоти, односно што ќе значат предложените плански решенија за нив во иднина.
Забелешки имаа и граѓанската иницијатива Шанса за Центар, кои се вклучија во дискусијата околу предложените решенија.
„Што треба да ни се случи, да дојде Водно на Плоштад. Колку пати сте биле на местото – ако сте биле 20 пати, сега барам од вас да потпишете изјава дека животот на луѓето нема да биде во опасност“ рече Билјана Ивановска од Шанса за Центар.
Нацрт-ДУП-от за Барутана е на јавна анкета до 14 септември. На анкетата граѓаните ќе можат да поднесат забелешки, предлози и мислења. Дел од жителите на општина центар веќе поднесоа и петиција со која бараат нацрт планот да биде повлечен.
Софија Бислимоски













