Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Телма дознава зошто Врховен ги укина затворските пресуди за Ласкарци и за Стевче Јакимовски

/

Македонија

Сподели преку :

Врховниот суд ги укина второстепената пресуда за трагедијата кај Ласкарци и двете пресуди за Стевче Јакимовски, но нема официјално објавено образложение зошто. Телма дознава дека за случајот Ласкарци и автобуската несреќа на „Дурмо Турс“ во која загинаа 16 луѓе, а 30-тина патници беа повредени, биле уважени жабиле на адвокатите и биле утврдени повреди во процедурата и при утврдување на факти во пониските судови, како и дека имало пропусти во процедурата за утврдување и зголемување на затворските казни на Апелација.

За Јакимовски, пак, според информациите до кои дојдовме, пресудите не прецизирале детали за обвинението и за делото за кое се товари ексградоначалникот на Карпош. Но, официјалното образложение ќе се знае дури откако најбрзо наредната недела се изготват одлуките.

„Ве известиваме дека по писмено изготвување на одлуките, истите ќе бидат експедирани до пониските судови на натамошно постапување и ќе бидат објавени на веб страната на Врховниот суд на РСМ“, се вели во одговорот на Врховниот суд.

Ниту во Кривичниот суд, ниту во скопскиот Апелационен суд, под чија надлежност се пресудите, сè уште немаат никакво известување за одлуката, поради што не може ниту да ја реализираат, односно да ги пуштат од затвор лицата кои ги издржуваат казните по двете пресуди.

Државниот обвинител Ненад Савески вели дека со последните одлуки, Врховниот суд не ги оценува обвиненијата, туку пресудите на пониските судови.

„Врховниот суд не ги оценува обвиненијата, туку законитоста на одлуките донесени од пониските судови. Не можам да прифатам, и апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните на Република Северна Македонија, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети“, изјави државниот обвинител, Ненад Савески.

Поништување на судската пресуда за Ласкарци предизвика нов коментар на првиот човек на извршната власт за судската власт и обвини поединци во правосудството за служење на СДСМ и ДУИ.

„Понекогаш имаме чувство дека со ветерници се бориме, како сето ова да е донкихотовска битка. Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода, луѓе за кои што постои основано сомнение, односно правосилна судска пресуда и како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било, за нив ништо не значи, бидејќи од тој кој што ги назначил, од нивниот стопан, од нивниот газда добиле таква наредба. Тоа е едно големо разочарување. Тоа се рецидици, остатоци, од мал дел од претходната влада на СДСМ и ДУИ. И тоа е последниот ресорт за заштита на таа влада и на луѓето кои што беа дел од таа влада“, изјави премиерот Мицкоски.

Лидерот на опозицијата го обвини за стари обвинувања и оцени дека довербата во системот за правда ќе се достигне преку интеграциите во ЕУ.

„Гледаме тенденциите, обидите, организираната криминална група на Христијан, се, да претстави дека нешто во судството контролира, СДСМ, ДУИ, тоа им е. Тоа со што дојдоа на власт и сега сакаат да останат. Во ситуација во која што довербата во судството е исклучително мала, исклучително ниска, единствен начин на кој што можеме да почнеме да ја враќаме довербата во правосудниот систем е тука да има европско правосудство. И тоа е концептот на приближување кон Европската Унија, на отворање на кластерите, на преговорите, итн., затоа што тоа значи зајакнување на системот“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Апелација ја донесе правосилната пресуда за Ласкараци лани во мај, два месеца по трагедијата во „Пулс“ и второстепениот суд ги дуплираше казните и ги зголеми на 10 години затвор за сопственикот на „Дурмо“, Дурмиш Белули и за одговорниот за транспорт во фирмата, Рамиз Мифтари кој сега е во бегство.

Беа зголемени и казните на уште двајца, а возачот е осуден на 14 години. Пресудата сега се враќа во Апелација. За Стевче Јакимовски, пак, се поништени и првостепената и второстепената пресуда за легализација на привременото општинско седиште во Карпош. Беше осуден на една година, а веќе издржа две третини од казната.

Миомир Серафиновиќ

Jumbo 2