МВР соопшти дека 4-ца се осомничени за убиствата на две постари лица во Ѓорче Петров, а Телма дознава дека при истрагата, уапсените кои директно учествувале во нападите ги признале разбојничките дела.
Извор од истрагата за Телма вели дека во еден разбојнички напад во кој жртвата настрадала учествувале двајца, додека во вториот напад кој исто така завршил со убиена жртва учествувале тројца напаѓачи. Четвртиот уапсен е осомничен за помагање, бил возач кој ги превезувал по нападот, но засега нема потврда дали знале што планирале и што правеле неговите патници.
Во автомобилот на осомничениот возач се најдени траги поврзани со разбојништвата односно јакна и други предмети, дознава Телма. Од друга страна на местата на разбојништвата во кои беа убиени двете повозрасни жртви се најдени и ДНК траги кои се поврзуваат со уапсените.
Во две засебни разбојништва на територија на општина Ѓорче Петров, во период од 5 дена, беа убиени маж и жена во сопствените домови. Мажот бил пронајден мртов на 22-ти октомври, додека телото на жената било откриено вчера во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“. Убиствата се случиле за време на грабежи.
Миомир Серафиновиќ













