Непотполно конзилиарно мислење на ТОАРИЛУЦ е причина што Првостепената комисија на Фондот за здравство го одбила барањето на Леонид Индов за 140 илјади евра кој лани се повреди на одмор во Грција и не може да ги движи екстремитетите. Според директорката на ФЗО, Филиповска – Грашкоска и покрај тоа што првостепената комисија се обратила до лекарите кои го издале конзилиарното мислење, тие по втор пат добиле непрецизиран одговор што конкретно се бара.
Премногу општо конзилиарно мислење кое остава широк простор за шпекулации. Семејството на Леонид Индов може да се жали. За промена на Правилникот за начинот за користење здравствени услуги потребно е да се смени Законот за здравствено осигурување. Ќе почекме дополнително образложение од ТОАРИЛУЦ во кое ќе се наведе конкретната интервенција што треба да му се направи на пациентот и ќе ја преиспитаме својата одлука, соопштија од Фондот за здравствено осигурување.
На денешниот брифинг со новинарите и покрај тоа што била поканета претседателката на првостепената комисија на ФЗО д-р Сања Петрова да образложи каде во земјава Леонид Индов може да се лекува, таа не дојде за да го каже и својот став.
Заменик министерката за здравство Манолева тврди дека и порано се видела со родителите на Леонид Индов и им укажала дека во Македонија има центар каде што може да се направи рехабилитација во делот на отстранување на респиратор. И покрај тоа што семејството на 18-годишниот Леонид Индов покажа конзилијарно мислење во кое стои дека во земјата се исцрпени сите можности за негово лекување, денес Манолева, вели дека родителите воопшто не побарале никакво мислење од соодветна институција за можноста лекувањето или рехабилитацијата да се завршат кај нас.
Во телефонски разговор за Телма таткото на Леонид, Бранко Индов вели дека следната недела ќе поднесе жалба на одлуката на првостепената комисија и покрај тоа што не е наведено зошто се одбиени, додава Индов.
Јас точно имам наведено што барам од нив и каква е состојбата на Леонид. И двете се запознаени е не е тоа од вчера, ако не го прочитале тоа е жалосно за нив. Требало да бидат информирани од лекарската комисија, затоа што се информирани што е наведено како дијагноза за Леонид, затоа на денешниот брифинг не присуствуваше претседателката на лекарската комисија. Веднаш би поставил прашање зошто не е дојдена претседателката на лекарската комисија, изјави Бранко Индов.
Во меѓувреме останува на Фондот за здравство и на второстепената комисија дали рехабилитацијата и лекувањето на Леонид Индов ќе продоложи во Австрија. На социјалните мрежи се уште се споделуваат повици за хуманост и се собираат донации за помош на Леонид.
Нина Стефанова













