Битолскиот суд за Телма потврди дека се уште важи забрана за влез на група од 27 бугарски пратеници од десничарската проруска партија „Препород“, а меѓу нив се и Крсто Врачев и Ангел Георгиев кои минатата недела и покрај забраната успеале да влезат во Македонија и да присуствуваат на судско рочиште во кочанскиот суд. Врачев и Георгиев лани во август добиле едногодишна забрана за влез поради нелегално поминување на границата и таа се уште трае.
„Со оглед на тоа дека пресудата станала правосилна на 29.08.2025 година, забраната се однесува од таа дата, односно 1 година од денот кога истите се протерале, односно им се забранило да влегуваат во Република Македонија.
Пресудата е доставена до МВР СВР БЈБ РЦ ЈУГ ПС ЗА ГП и ГН Меџитлија, со напомена да се известат сите гранични премини во Република Македонија“, велат од Основен суд Битола.
И покрај известувањето до надлежните, Георгиев и Врачев ја минале границата минатата недела. Битолскиот суд во одговорот наведува дека против двајцата, како и против останатите осудени се заведени и предмети кај извршители за наплата на судските трошоци во вредност од по 2 илјади денари за секој. На осудените им е изречена и глоба која законски може да се движи меѓу 50 и 230 евра.
Осудените се казнети за нелегално преминување на границата кај Кајмакчална лани во јуни. Бугарскиот пратеник Крсто Врачев како реакција на прилозите на Телма тврдеше дека границата не ја поминале туку биле на грчка територија, но на фотографијата објавена лани во јуни се гледа дека се на македонска територија што е констатирано и во пресудата со локација дека се наоѓаат:
„…пред црквата „Свети Петар“ на врвот Кајмакчалан што може да се потврди дека се наоѓаат на македонската страна од врвот односно на македонската територија, на објавените слики на Фејсбук профилот „Костадин Костадинов“, на претставниците на партијата „Преродба“, пишува во пресудата ПРК-О- 263/25 на Основниот суд во Битола.
Но, и со судска забрана за влез, двајцата пратеници од Софија сепак ја минале границата и беа на судски процес против обвинета бугарка од Кочани, со тврдење дека таа е наместена поради декларираната етничка припадност без докази дека е одговорна за сообраќајна несреќа со еден загинат.
Миомир Серафиновиќ













