Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Студенти Албанци инсистираат сите предмети да ги полагаат на албански јазик – на првата средба не се постигна договор за правосудниот испит

/

Македонија

Сподели преку :

Нема договор за полагање на правосудниот испит на други јазици, освен на македонски јазик. Студентите и факултетите не го прифатија решението на министерот за правда Јетон Шасивари, предложено на денешната средба теорија да полагаат на албански, а практичниот дел на македонски јазик.

Студентите сметаат дека издејствувале победа, со оглед на фактот дека им било понуденo 12 предмети да се полагаат на албански јазик, но не се согласуваат два предмети да се полагаат на македонски јазик.

„Имаме закон за јазици. Тој закон член 1 и 2 им дозволува на студентите Албанци правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние бараме да се почитува Уставот и законите. Ние сакаме правосудниот испит да биде цел на албански јазик. Немам ништо против и гледаме по медиумите, дека живеете во Македонија и треба да знаете македонски. Не, јас живеам во моја татковина и во моја држава и ми следува албански јазик да зборувам. Немам ништо против македонскиот јазик“, изјави Сухејб Мемеди, студент.

Доколку во целост не се прифати нивното барање, порачаа дека повторно ќе излезат на протести, а со министерот Шасивари се договориле повторно да имаат средба. Министерот Шасивари изјави дека преку дијалог сака да дојдат до современо, правно издржано и европски ориентирано решение.

„Пресметките не ги правам со дигитрон, туку со часовник во смисла на броење на деновите кога оваа јазична бариера со која се соочувале генерации дипломирани правници ќе биде отстранета и ќе се постигне јазична инклузивност со задржување на професионалниот стандард на овој испит кој е многу важен“, рече Јетон Шасивари, министер за правда.

Тој најави дека мислење ќе се побара и од Венецијанската комисија. Студентите, пак, порачаа дека не може да коментираат што би преземале доколку комисијата го прифати предлогот на Министерството за правда. Пет факултети кои имаат настава на други јазици побараа правосудниот испит да се полага освен на албански и на турски и англиски јазик.

Марија Митевска

Jumbo 2