Активистите на граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ почнуваат средби со жителите на населените места во Струмичката Котлина, на кои ќе разговараат за потенцијалните последици од отворањето рудници во регионот и за решенијата предвидени во Предлог-просторниот план на државата до 2040 година.
Како што информираат од Здрава котлина, целта на средбите е жителите непосредно да се запознаат со прашањата поврзани со планираните рудници, но и да се вклучат во натамошните активности против отворањето рудник на Огражден и проектот „Иловица-Штука“.
Од „Здрава котлина“ најавуваат дека на собирите ќе разговараат за можните влијанија врз животната средина и локалното население, како и за значењето на предвидените решенија во просторниот план.
Воедно, планираат да формираат локални групи на граѓани во селата, кои би се вклучиле во активностите на иницијативата.
Првиот собир е закажан за денеска, а од Здрава котлина ги повикуваат заинтересираните жители да присуствуваат и да се вклучат во дискусијата.
Прашањето за рударските проекти во Струмичката Котлина и нивното место во идното просторно планирање на државата и натаму е предмет на реакции од граѓанските организации и локалните активисти, кои бараат преиспитување на решенијата поврзани со минералните суровини и нивното искористување.
Сузана Мицева













