Четиристотини евра е тарифата која студентите на еден од Фармацевските факултети во државата треба да ја платат за да положат предмет без учење. Ова е сведоштво на еден студент, кој случајот го сподели со Телма, а станува збор за професор кој предава на фармацевските факултети, а е вработен на друг факултет. Некои од неговите колеги, како што вели студентот, си платиле и веќе го положиле испитот благодарение на даденото мито на професорот .
„Да дадеш 400 евра или да фатиш јаки врски поради кои ќе мора да те пушти професорот“, вели студентот кој сакаше да остане анонимен, бидејќи се плаши дека откривањето на неговиот идентитет ќе му направи проблеми при студирањето.
Сепак тој вели дека не прифаќа врските или парите да бидат неговиот единствен избор. Доколку и после неколку обиди не успее да го положи испитот ќе бара да полага пред комисија. Овој студент го избрал чесниот пат за да се стекне со својата диплома за разлика од негова колешка на Стоматолошкиот факултет која платила мито за да положи испит.
Студентката, според обвинителството кое отвори истрага за случајот, побарала од претседателот на Стоматолошкото друштво на Албанците, Сабетим Ќеркези да и посредува во полагање на стручен испит за стоматолот. Ќеркези сега е под истрага заедно со претседателот на Испитната комисија, бидејќи двајцата примиле наградата. Студентката откако го положила испитот префрлила пари на трансакциска сметка на Ќеркези како награда за посредувањето, а дел од парите тој му предал и на претседателот на Испитната комисија.
Анкетите покажуваат широко распостранета корупција во здравството
Студентите од најмлада возраст учат дека поткупот е дел од здравствениот систем. Таа пракса не застанува на факултетите, туку продолжува и кога ќе ја дадат Хипократовата заклетва и ќе треба да лечат луѓе.
Речиси 84 отсто од 410 анкетирани здравствени работници одговориле дека корупцијата е делумно или многу распространета во секторот во кој работат. Сепак само 14 отсто од нив признале дека биле лично вклучени или сведочеле на коруптивен чин во нивната установа. Ова го покажува истражувањето на Здружението за еманцијапција, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Најчеста форма на корупција е митото, а потоа следува примањето подароци, упатувањето на преглед на приватно, препорака за купување конкретен лек и наплатувањето услуга која треба да биде бесплатна. Истражувањето покажува и дека корупцијате е присутна и за добивање на термин побрзо, како и добивање болнички кревет или операција без чекање.
Додека пак 40 проценти од анкетираните граѓани во анализата „Доктор Рушвет“ на невладината „Социетас цивилис“ навеле дека дале поткуп од 200 денари до 2000 евра во замена за здравствена услуга.
“Лично моите внуки кога се оперираа имаа платено 2.000 евра на рака“, е еден од сведоштвата дадени во анализата од 53 годишна жена.
Казни има, но најчесто се условни
Кога службено лице во случајов доктор или вработен во здравствена установа ќе побара или прими подарок тоа е кривично дело, согласно законот. Казните се движат од 1 до 5 години затвор доколку побара пари пред да ја изврши здравствената услуга, а од 3 месеци до 3 години по извршувањето на работата.
Не сите кои примиле поткуп поминуваат неказнето. Неколку доктори беа фатени со пари в рака, а најчесто изречените казни се условни. Во 2025 имаше неколку случаи.
Познат битолски хирург призна дека примил мито од пациентка откако беше фатен со обележани 150 евра. За операција на жолчно ќесе тој побарал од фамилијата на пациентката да се „почести“ со парите, а судот му определи условна казна. Хирургот беше суспендиран од работа, а сега е во пензија.
И негова колешка, офтамолог во битолска болница беше фатена со обележани 100 евра кои ги побарала како поткуп за да изведе операција и е условно казнета.
Тројца доктори кои беа опфатени во случајот „Синдром“ кои издавале фабрикувани мислења за стекнување на правото на пензија се спогодија со Обвинителството за организиран криминал и корупција и добија условни затворски казни.
Условно осуден беше и вработен во прилепската болница, кој за една година украл 35 илјади евра од наплатата на пациентите.
И во 2024 прилепски хирург помина со условна казна, а полицијата дојде до него на ист начин како и до неговите колеги од Битола. Оштетените пријавиле во полиција, а тој бил фатен со обележани 100 евра.
Во затвор заврши само директорот на геријатрија Мухсин Арифи. Тој беше осуден на 4 години зад решетки бидејќи земал 20 илјади евра да смести 42 годишна пациентка во тешка состојба во болницата.
„Еден од главните генератори на корупцијата е неказнивоста а многу често и несоодветната казна. Не може со условна казна да се расчистува масовна појава како што е поткупот, дотолку повеќе што и примањето и давањето поткуп се кривично дело за кои си има пропишано казни во Кривичниот законик“, вели поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.
Нема одземена лиценца на доктор за поткуп
Досега пак ниту еден доктор кој барал пари од пациенти за извршување на одредена здравствена услуга не останал без лиценца за вршење на дејност. Лиценците ги дава и одзема Лекарската комора, а забрана за работа може да одреди суд.
„Комората смета дека сите кои се соочиле со ситуација во која се барало мито за да се забрза или олесни процесот на добивање на одредена здравствена услуга, случајот да го пријават во надлежните институции кои треба да спроведат истрага и да донесат соодветна пресуда. Комората не е истражен орган и не може да спроведува истраги и да докажува кривични дела“, велат од Лекарската комора.
Оттаму додаваат дека досега не добиле правосилна пресуда, која би била основ за постапување.
„Доколу со правосилна судска пресуда се утврди дека одреден доктор земал мито и таа пресуда се достави, Комората ќе се постапи согласно нејзините надлежности. Во минатото Комората нема добиено правосилна пресуда, која би била основ за постапување“, наведуваат од Лекарската комора.
Претходниот министер за здравство Азир Алиу потврди дека поплаки од пациенти за барање на мито од медицински лица добиваат на новата апликација на министерството. Тогаш најави дека ќе се проверуваат тие случаи. Од Министерството за здравство кое сега го предводи Сашо Клековски не ни одговорија на прашања колку пациенти досега пријавиле дека им биле побарани пари за да добијат некаква здравствена услуга и дали ги проверуваат таквите наводи и ги алармираат надлежните институции.
Марија Митевска
Оваа сторија е изработена со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence française de développement) преку Expertise France како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружение ЕСЕ. Содржината на оваа сторија е исклучива одговорност на ТВ Телма и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Expertise France или на Француската агенција за развој (Agence française de développement).













