Стојна Димитровска од Кратово повторно е приведена откако, се обидела пак да наплаќа влезници на посетители на локалитетот „Камени кукли“ и им се заканувала на двајца скопјани.
На 27 октомври во 11:30 часот, полициски службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слобода 41-годишната Димитровска, постапувајќи по пријава од Р.П. и Ј.Б. од Скопје. Според пријавеното, таа се обидела да им наплати билети за влез во локалитетот, а потоа им се заканувала. По целосно документирање на случајот, против неа ќе следува соодветна пријава.
Ова не е првпат Димитровска да биде приведена во врска со наплатата на влезници на „Камени кукли“. Случајот со управувањето со локалитетот и наплатата на пристап до него се провлекува со години, а Општина Кратово претходно реагираше дека просторот е бесправно узурпиран.
Во јули годинава, Телма известуваше и за приведувањето на нејзиниот сопруг, британски државјанин, по инцидент со даночни инспектори. Според тогашните информации, тој со камења се обидел да ги спречи инспекторите во вршењето контрола, а за Димитровска веќе имало судска мерка со забрана за приближување до локалитетот.
Претходно, во август годинава, Димитровска повторно била приведена, а Основното јавно обвинителство Куманово побарало притвор, кој судот го одобрил. Според обвинителството, таа продолжила да наплаќа влезници без правен основ и покрај претходно преземените мерки. При тој инцидент, според обвинителството, физички нападнала и полициски службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат.
„Камени кукли“, лоцирани кај селото Куклица во близина на Кратово, претставуваат редок природен феномен и се една од позначајните туристички атракции во источниот дел на земјата. Необичните камени столбови привлекуваат домашни и странски посетители, а спорот околу пристапот и наплатата со години го засенува туристичкиот потенцијал на ова природно обележје.
За најновиот случај, од полицијата најавуваат дека по целосното документирање ќе следува соодветна пријава.

Откако Стојна Димитровска најави на социјалните мрежи дека ќе наплаќа по 5 евра за секој што сака да влезе на локалитетот Камени кукли, денеска обвинителството побара притвор за нејзиниот сопруг. На објавата од вчера на Фејсбук дека ќе издава и фискални сметки, локалитетот го посетиле инспектори на УЈП. Но нејзиниот сопруг кој е британски државјанин… Продолжи со читање













