Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Стојанчо Радически, освои најмногу гласови на предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, покажуваат првичните резултати на Државната изборна комисија (ДИК).
По обработка на податоците од сите 24 избирачки места, Радически има 2.943 гласа, односно 38,90 проценти. На второ место е Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција со 2.152 гласа или 28,45 проценти, додека Јакуп Хусеини од коалицијата ВЛЕН освои 1.528 гласа, односно 20,20 проценти.
Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ доби 706 гласа, независниот кандидат Душан Богдановски 55, а независната кандидатка Арифе Идризи 21 глас.
Бидејќи ниту еден кандидат не освои доволно гласови за победа во првиот круг, градоначалник ќе се избира во втор круг.
Излезноста на изборите изнесува 46,56 проценти. Од вкупно 16.256 запишани избирачи, гласале 7.565 граѓани, а регистрирани се 160 неважечки ливчиња.
Од ДИК, соопштија дека гласањето се одвивало непречено, а од 10-те приговори поднесени до Општинската изборна комисија, четири биле усвоени, а шест одбиени како неосновани.













