Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, во емисијата „Конак“ на албанската телевизија СОТ7 говореше за бугарските донации во Општина Пустец, бугарските пасоши, пописот во Албанија и односот на македонската и албанската држава кон македонското малцинство.
Стерјовски рече дека МАЕИ не е против хуманитарната помош и бесплатните медицински прегледи за жителите на Пустец, туку против нивнaта политичка и медиумска злоупотреба за создавање впечаток дека во општината живеат Бугари.
„Ние бевме против донациите што дојдоа токму од фондации од Бугарија и кои овие донации ги искористија во медиумите за да покажат дека во Општина Пустец живеат Бугари“, рече Стерјовски.
Тој рече дека Пустец се соочува со сериозен недостиг од лекари, амбуланти, аптека и друга здравствена инфраструктура и дека државата го оставилабез доволна институционална и здравствена поддршка, создавајќи простор кој сега го пополнува Бугарија.
„Најпрво вината е на нашата држава што нè остави во таа состојба. Овој вакуум сега го користи Бугарија за да го исполни, а тоа што го прави, го прави токму за овие цели“, истакна Стерјовски.
За добивањето на бугарски пасош, според Стерјовски се плаќаат и од 15.000 до 20.000 евра.
„Ова е бизнис, профитабилен со милиони евра“, рече Стерјовски, повикувајќи се и на случаи во кои, според него, албанската полиција постапувала поради сомневања поврзани со плаќања за бугарски пасоши.
Стерјовски потсети и на посетите на бугарскиот амбасадор во периодот на пописот, во Голо Брдо и Мала Преспа и учествувал во активности поврзани со донации.
Според Стерјовски, ваквите активности претставувале мешање во пописниот процес. Тој рече дека МАЕИ тогаш реагирала јавно, но дека од македонските власти немало соодветна реакција.













