Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Стаса фактурата за прославата за независноста – 5,53 милиони евра чинеле манифестациите од сметката на Државна лотарија и донации од фирми

/

Македонија

Сподели преку :

300 милиони денари, односно скоро 5 милиони евра, потрошила Државната лотарија за спонзорирање на прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија. Приватни фирми дале уште 40 милиони денари за спонзорирање на настаните.

Владата во април годинава донела одлука да ја задолжи Државната лотарија, нераспределената добивка од 2024 година од 300 милиони денари, да ја намени за спонзорирање на прославата. Владината портпаролка инсистира дека тоа не се буџетски пари, иако Лотарија е во целосна државна сопственост. Ја објаснуваа правната процедура дека за да станат државни пари, раководството на Лотарија требало да донесе одлука да му ги исплати како дивиденда на сопственикот, односно да ги уплати во буџетот. Со оглед на тоа што не биле уплатени, не биле буџетски, туку пари на Лотарија.

„За 35 години независноста за државата доколку се одлучела некоја Влада или некој што раководи со Владата и да определи финансиски средства од буџетот можеби за мене лично тоа немало да претставува проблем, но во овој случај не е така. Овие средства се прераспределени од нераспределената добивка од 2024 година“, вели портпаролката на Владата Марија Митева.

Директорот на Лотарија вели дека откако биле задолжени од Владата да ја спонзорираат прославата ја почнале постапката, објавиле јавен повик за избор на понудувач на кој се јавиле само Авалон, преку нивната фирма Стардаст, со која склучиле договор за спонзорство од 300 милиони денари. Авалон има рок до 30 септември да даде отчет за потрошените пари.

„Особено она што е интересно за сите и за јавноста, финансиски преглед на реализацијата во обем соодветен на природата на спонзорството и договорените обврски, што значи дека мора да се достават сите плаќања за да биде исполнета законитоста во работењето на Државната лотарија па и на Владата, како и да ни биде мирна совеста нам и на граѓаните“, вели директорот на Државната лотарија Александар Климовски.

Концерти и настани по повод прославата на независноста имаше во текот на август и септември. Почна со Стив Аоки во Битола, па Пол ван Дајк и Пол Окенфилд во Струмица, Хозе Карерас во Скопје, низа концерти на македонски ѕвезди низ целата земја, за да кулмунира со концертот на Дејвид Гета на скопскиот стадион.

„Ова што го направивме ние со Дејвид Гета во Скопје е потполно исто како во Стајковци да се организира трка за Формула 1 по сите можни потребни атрибути коишто ги бара Формула 1“, вели Бобан Милошески од Авалон продукција.

Тој ја почна прес-конференцијата со извинување до новинарката Мирослава Симоновска, која на претходната прес-конференција, на прашањето за парите ја праша дали ѝ личи на идиот.

„Сакам да ја искористам оваа прилика да упатам јавно извинување за претходниот прес, прво за неџентлменски искажаната прва реченица без персирање и второ афектно искажаната прва реченица, исто така без многу памет, да речеме. Не знам на колку од вас им се случило да изговорат нешто во афект од умор и од стрес. Тоа е онаа ситуација кога едноставно јазикот ти е побрз од мозокот“, вели Милошески.

Срѓан Стојанчев

 

Jumbo 2