И покрај тоа што е оддалечена најмалку шест илјади километри по воздушна линија од Европа и се наоѓа на американскиот континент, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен ја покани Канада за придружна членка во Европската Унија – нешто што не постоеше како статус досега.
Канадскиот премиер, Марк Карни, беше специјален гостин на нејзиното годишно обраќање за состојбата во Унијата пред Европскиот парламент, а утре и самиот ќе се обрати пред европратениците. Поканата доаѓа во време кога Канада се стреми да ги зајакне врските со ЕУ во одбраната, дигиталната регулатива и трговијата, во услови на тензии со САД под администрацијата на Доналд Трамп.
- Ова е партнерство што не е насочено против никого, туку служи за нашата заедничка сила. Накратко, сакаме да ги подигнеме односите со Канада на највисоко можно ниво. Драг Марк, реков дека мора итно да ги преиспитаме и одново да ги осмислиме нашите партнерства. Затоа, би сакала да соработувам со тебе за да ѝ се отвори вратата на Канада да стане првата придружна членка на ЕУ. Делиме ист океан, исти вредности и ист поглед на светот. А сега ќе ја градиме и нашата заедничка иднина – ти благодарам што си тука, рече Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија
Државите кои се на истиот континент беа само накратко спомнати на крајот од говорот. Главната порака беше упатена кон Србија и кон сите што ги величаат и слават воените злосторници, порачувајќи им дека жртвите од војните во бивша Југославија имаат право да бидат запамтени и испочитувани и дека во ЕУ нема место за вакви појави. Притоа најави дека на сите земји кандидати за членство од Западен Балкан ЕУ ќе им понуди нови патокази за влез.
- Доволно е само да погледнеме надвор од нашите граници за да видиме дека оваа европска идеја е сè уште мошне жива.Доволно е само да погледнеме кон Украина и Молдавија. Кон Западен Балкан. Доволно е само да погледнеме кон сите оние земји блиски до нашата Унија.И бидејќи нивната иднина е во нашата Унија, наскоро ќе предложиме патокази за земјите-кандидати што постигнале најголем напредок.Овој процес и понатаму ќе се заснова на заслуги. И, почитувани пратеници, повторувам: почитувањето на нашите вредности е нешто за што не може да се преговара, рече Урсула Фон Дер Лајен.
Во своето обраќање, Фон Дер Лајен рече дека Европската Унија никогаш не била посилна, но во исто време е во најнесигурна позиција досега. Предупреди дека старите модели и односи попуштиле и дека ЕУ сега се соочува со „отворено непријателски свет“, по што најави и формирање на Европски совет за безбедност.
Клучни теми во говорот ѝ беа безбедноста, конкурентноста, енергетската независност и внатрешните закани за европското единство.
Се заложи за поголема енергетска независност, за ребалансирање на односите со Кина , нови партнерства, нов европски инструмент за одговор при вонредни ситуации со мигранти, нова програма за заеднички проекти со украински компании и заострување на санкциите кон Русија. Порача и дека, ЕУ ќе го брани секој сантиметар од европската територија.
Далиборка Демјанска













