Со изведбата на современиот македонски мјузикл „Као какао“, работен по текст и драматургија на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски и со музика на Влатко Стефановски, вечерва на „Долни Сарај“ свечено ќе биде затворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
„Као какао“ е мелодрамска љубовна приказна сместена во 70-тите години на минатиот век, која преку љубовта, амбицијата и стремежот кон слобода ја следи генерацијата соочена со притисоците, стереотипите и ограничувањата на времето во кое живее.
Музиката на Влатко Стефановски е централен двигател на мјузиклот, кој обединува голем актерски ансамбл и сценски израз исполнет со љубов, бунт и стремеж кон остварување на сопствените соништа.
Во претставата настапуваат Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска.
Музичките аранжмани и оркестрацијата се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Марија Пупучевска.
Претставата трае два часа.
Инаку, 66. издание на „Охридско лето“ во текот на 40 фестивалски дена понуди разновидна програма со вкупно 48 настани, во кои учествуваа повеќе од 700 уметници од 24 земји од Европа и светот.













