Жестока битка со пламените јазици цела ноќ се водеше во прилепскиот дел на Мариово за да се спасат селата Чаниште и Крушевица. Пожарникарите од Битола и Прилеп заедно со доброволците од Кочани и Виница и тимовите на ДЗС, поддржани од четири пинцгауери но и багери кои правеа засеци успеаја да го запрат огнот на клучното место, покрај патот.
Утрово продолжи гаснењето и обидот пожарот да се локализира, но таму гори сува висока трева а повремениот ветар му додава интензитет на досега најголемиот пожар на отворен простор оваа година. Од попладнево таму дејствуваат трите „ер трактори“.
Надлежните се надеваат дека до крајот на денот ќе успеат да го локализираат пожарот, бидејќи линијата на огнот која ноќеска беше долга над 20 километри сега е пократка и е прекината на неколку места благодарение на дејствувањето на полицискиот хеликоптер и на тешката механизација.
Се уште активен е пожарот во подножјето на планината Китка кој изби пред една недела и е на тежок или непристапен терен, гори и депонијата Буково во Охрид како и на територијата на македонски Брод. Под контрола е ставен пожарот на територијата на Општина Јегуновце кој се префрли кон селото Бојане а завчера беше на граница да влезе во селото Туденце.
Огнен Чанчаревиќ













