Во лекувањето на дел од пациентите во случајот „Oнкологија“ учествувале повеќе лекари и затоа не може да се бара индивидуална одговорност за целиот процес на лекување. Ова на денешното рочиште го истакна техничкиот советник на одбраната на Нино Васев, доктор Владимир Даниловски.
Според него, кај некои пациенти биле вклучени од три до шест, а во одредени случаи и до осум медицински лица.
Даниловски тврди и дека словенечката вештачка на обвинителството немала целосна медицинска документација за повеќе пациенти.
Од 165 достапни документи за дадена терапија на еден конкретен пациент, Даниловски нагласи дека, на вештото лице Маја Радник и биле дадени 60, додека кај друг пацинет, како што посочи, не биле дадени медицински документации за 11 години лекување, туку само за последните неколку месеци.
Одбраната наведе дека Васев учествувал во лекувањето на шест од 31 пациент кои му се ставаат на товар.
Обвинителството, пак, ги товари Васев, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски за несовесно лекување, тврдејќи дека кај вкупно 47 пациенти биле применувани неподобни терапии и имало отстапувања во дозирањето.













